ИНФОГРАФИКА: 10 НАЈБОГАТИ И НАЈСИРОМАШНИ ПРАТЕНИЦИ

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Која е најбогата партија по глава на пратеник? Кои се 10-те најбогати и најсиромашни пратеници? Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, во рамките на проектот ПЕП, ги анализираше податоците од имотните листи на пратениците кои покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е најбогата партија по глава на пратеник. Секој пратеник на оваа партија во просек тежи околу 3.2 милиони евра.

Втора е БЕСА (заедно со Алтернатива), чии петте пратеници во просек поседуваат по 770 илјади евра.

Трета е Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), која има само еден пратеник – Самка Ибраимоски со пријавен имот вреден 725 илјади евра.

Владеачката партија, СДСМ, се наоѓа на деветто место според вредноста на имотите на нејзините актуелни пратеници, со 168.433 евра по глава на пратеник.

Пратеникот со убедливо највредна имотна листа од 108.500.000 евра е Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Тој освен што има недвижен имот во Македонија, поседува и имот во Благоевград, Бугарија. Неговата сопруга има златен накит вреден еден милион денари, а тој поседува и уметнички слики во вредност во 300.000 денари. Голем дел од неговиот имот се состои од девизни штедни книшки и денарски платежни картички, скоро секоја над илјада евра.

Втора на листата од топ 10 најбогати пратеници е Теута Биљали од БЕСА, чие богатство тежи цели 3.500.000 евра. Земјоделските земјишта, пасишта, куќа и сè останато припаѓа на нејзините родители.

Третото место му припаѓа на пратеникот Борис Змејкоски од ВМРО-ДПМНЕ и неговиот имот вреден 2.700.000 евра. Осум автомобили, четири станови, земјоделски и градежни земјишта се само дел од она што поседува Змејкоски.

Пратеници со најмалку вреден имот се Реџеп Мемеди од Движењето БЕСА и Ферид Мухиќ од независните пратеници, чии имоти се вредни околу 4.400 евра.

Кети Смилеска од СДСМ поседува имот вреден околу 7.000 евра, но за неколку ставки во својот имотен лист не ја навела вредноста.

 

Category:
Comments (0)

Напишете коментар