По трагите на имотот на министрите и пратениците

Коли, уметнички слики, накит, недвижен имот, банкарски сметки, имот во странство, но и дадени заеми. Шаренолика сопственичка структура на министрите кои се на функција.

Во рамките на проектот Политички Експонирани Личности, СКУП почна систематски да ги истражува имотите на 120 пратеници и 26 министри на Владата на Република Македонија. Од каде го стeкнале имотот? Дали имаат основа за истиот? Како ќе се менува структурата на нивниот имот и што се крие зад тие промени? Сите овие одговори ги содржи оваа платформа, која ќе се ажурира зависно од информациите за промените кои ќе се случуваат во имотните состојби на овие политички експонирани личности.

ЕДЕН МИНИСТЕР „ТЕЖИ“ ОД 200 ИЛЈАДИ ДО 2 МИЛИОНИ ЕВРА

Помеѓу 200 илјади и 2 милиони евра се движат имотните листи на актуелните министри.

Од 15 министри највреден имот има министерот за економија, Крешник Бектеши. Воедно, неговите родители имаат најмногу имот во странство и тоа покрај куќата во Приштина, имаат два стана во Каваја, Албанија и еден стан во Базел, Швајцарија како и три земјишта и деловен простор во Кичево.

Покрај министерот Бектеши, имот во странство има и министерот за надворешни работи,  Никола Димитров, кој има стан во Холандија. Тој воедно е и вториот министер со најбогата имотна листа во Владата.

Асаф Адеми е министерот кој нема пријавено ништо на свое име. Целиот имот припаѓа на неговите родители.

Исто и кај премиерот Зоран Заев. Недвижностите во Струмица во вредност од 600.000 евра во кругот на неговото семејство се пријавени на име на неговите родители, а не на негово име. Заев во своја сопственост пријавил само едно побарување по основ на даден заем во висина од 70.000 евра. Додека пак неговите деца и сопруга имаат два орочени девизни депозити вкупно во висина од околу 34 илјади евра.

Уметнички слики и накит поседуваат четири министри меѓу кои Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, Арбер Адеми и Рената Десковска.

Имот на деца пријавиле само министрите Никола Димитров (стан во Скопје) и Рената Десковска (штедна книшка). Имот на брат или сестра пријавиле четири министри: Љупчо Николовски, Сухејл Фазлиу и Арбер Адеми.

Имотот на министрите без ресор е во износ од околу 400 илјади евра.

Најбогат помеѓу министрите без ресор се Аднан Ќахил и Зорица Апостолоска, задолжени за странски инвестиции со имотни листи вредни 400 илјади евра. Веднаш зад нив, со имот од 350 илјади евра, се министрите Бардул Даути, Роберт Поповски и Зоран Шапуриќ. Нивниот колега, Едмон Адеми поседува имот вреден 80 илјади евра.

Министрите најчесто возат Мерцедеси, БМВ-иња, Ауди и по некој Голф. Според пријавените податоци на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), единствено министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска не поседува автомобил. За разлика од неа, семејствата на Крешник Бектеши, Сухејл Фазлиу, Арбер Адеми и Мила Царовска располагаат со три возила. Додека, по две возила имаат Оливер Спасовски, Садула Дураку, Венко Филипче, Љупчо Николовски, Асаф Адеми и Рената Десковска. Само едно возило пријавиле Никола Димитров, Дамјан Манчевски, Горан Сугаревски и Драган Тевдовски.

 

ЕДЕН ПРАТЕНИК “ТЕЖИ“ ОД  4 ИЛЈАДИ ДО 100 МИЛИОНИ ЕВРА

                                                                                                                              

Од 4 илјади до 100 милиони евра вредни имотни листи на  пратениците

Пратеникот со убедливо највисока имотна листа од 108.500.000 евра Васил Пишев од ВМРО ДПМНЕ. Тој освен што има недвижен имот во Македонија, поседува и имот во Благоевград, Бугарија. Неговата сопруга има златен накит вреден еден милион денари, а тој поседува и уметнички слики во вредност во 300.000 денари. Голем дел од неговиот имот се состои од девизни штедни книшки и денарски платежни картички, скоро секоја над илјада евра.

Имотната листа на Теута Биљали од БЕСА тежи цели 3.500.000 евра, со тоа го заслужува второто место најбогати пратеници. Земјоделските земјишта, пасишта, куќа и се останато припаѓа на нејзините родители.

Третото место му припаѓа на пратеникот Борис Змејкоски од ВМРО ДПМНЕ и неговиот имот вреден 2.700.000 евра. Осум автомобили, четири станови, земјоделски и градежни земјишта се само дел од она што поседува Змејкоски.

Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите на Македонија и Ванковер Манчев од ВМРО-ДПМНЕ не ги навеле вредностите на нивните имоти.

Со скромни имотни листи, вредни помалку од 10.000 евра располагаат само четири пратеници. Меѓу нив се Реџеп Мемеди од Движење БЕСА и Ферид Мухиќ од независните пратеници, чии имоти се вредни околу 4.400 евра. Нешто повеќе од нив, околу 6.500 евра тежи имотот на Весел Мемеди од Коалиција Алијанса за Албанците. Кети Смилеска од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија поседува имот вреден околу 7.000 евра, но Смилеска за неколку ставки во својот имотен лист не ја навела вредноста.

css.php