Грешка во софтверот на на ДКСК направи замена на имотните листови на неколку функционери. Дел од нив се и пратеници. Од ДКСК најавуваат грешки и во иднина кај одредени профили на функционери во нивната база
Пишува: Кристијан Трајчов
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со погрешни податоци го пополни профилот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, со што му нанесе штета на угледот. Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија во својата база за имотната состојба на пратениците ги превзеде погрешните податоци од ДКСК. На ова реагираше Стојаноски.
Тој тврдеше дека се работи за проблем кој го има Државната комисија за спречување корупција и дека тој анкетен лист не е негов.
Анкетниот лист кој претходно стоеше во базата на ДКСК под името на пратеникот Стојаноски вкупно изнесуваше 3.303.252 евра.
Во него, стоеше дека наводно пратеникот Стојаноски на свое име пријавил градежни изградени земјишта во Прилеп стекнати со подарок. На име на брачен другар исто така пријавил поголем имт, градежни изградени земјишта во Прилеп, стан, дуќан. На име на брачен другар пријавил и автомобил џип марка „Фолксваген Туарег“.
Побаравме од Стојаноски да ни го испрати оргиналниот анкетен лист кој го испратил до ДКСК, при што тој рече дека од страна на Комисијата бил известен дека навистина станувало збор за грешка и дека правилниот анкетен лист ќе биде прикачен во нивната база. ДКСК ја направи оваа корекција и според неа, вистинската вредност на имотот на пратеникот Стојаноски е 230,081 евра.
Неговите родители поседуваат станбена куќа во Лепенец, повеќе градежни земјишта, а лично тој поседува стан во Влае.
Стојаноски поседува и моторно возило Фолксваген, а неговите родители Шевролет.
Има пријавено и трансакциска сметка, како и штеден влог. На име на брачниот другар пријавени се орочени депозити и транскациска сметка, а на име на родителите исто така трансакциска сметка.
На свое име пратеникот Стојаноски има и кредит земен пред две години, а рокот на исплаќање е до 2047 година и истиот вреди 54,471 евра.
Се обративме и до ДКСК за коментар од каде рекоа дека е извршена проверка на јавно објавените податоци за пратеникот Бојан Стојаноски со податоците од печатените обрасци на изјавата за имотна состојба и интереси доставени од негова страна и утврдено е дека постои несовпаѓање.
За откривање на проблемот, Државната комисија се обрати до компанијата која го изработи софтверското решение и оттаму информираа дека се работи за грешка во електронскиот систем, поради која до 02.08.2024 година, се појавиле неколку случаи на погрешно поврзување на податоците од изјавата за имотна состојба и интереси на едно лице со податоците од изјавата за имотна состојба и интереси на друго лице. По корекција на проблемот податоците се поврзани со соодветните поднесоци и јавно објавени, се вели во одговорот од ДКСК.
Што се однесува до изјавата за имотна состојба и интереси на пратеникот Бојан Стојановски, компанијата извести дека во претходната проверка неговиот поднесок е пропуштено да се провери и коригира. Како и во останатите неколку случаи, податоците на пратеникот Биљана Кузмановска, се поврзале со изјавата на пратеникот Бојан Стојаноски. Направената грешка е веќе отстранета, а објавените податоци се правилно поврзани со профилот на наведените лица“, велат од ДКСК.
Од таму додадоа дека и покрај сите преземени мерки за превенирање на вакви грешки, имајќи предвид дека се работи за комплексно софтверско решение, сепак постои можност за вакви непријатни ситуации.