ЕКСПОЗИЦИЈА

Бујар Османи

Министер за надворешни работи

Бујар Османи е роден на 11 Септември 1979 во Скопје, Република Македонија. Според официјалната биографија, дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација ја завршува во Лондон, Обединетото Кралство во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург. Од 2014 е докторант на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде докторира во јули 2018 година.

Своето работно искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен како министер за здравство на Република Македонија и таа функција ја извршува се до 2011 година. Од 2011 година е Специјалист хирург во Универзитетска Клиника за Дигестивна хирургија во Скопје. Во 2011 исто така е назначен за Секретар за комуникација со јавност при претседателството на Демократската Унија за Интеграција.

Од јуни 2017 година е назначен како Заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања. Во текот на овој мандат Република Северна Македонија оствари сериозен напредок во европските интеграции: во процесот на Стабилизација и асоцијација земјата премина во втора фаза; Република Северна Македонија стана членка на Јадранско-јонската инцијатива, а како клучна придобивка претставува одлуката за почеток на преговорите со Европската Унија.

Како предводник на Секретаријатот за европски прашања, Османи воедно ја извршуваше и функцијата Национален координатор за распределба на странска помош и ИПА фондови во земјата. Под водство на Османи значително беше подобрена апсорпцијата на ИПА средствата од Европската Унија, како и значајно беше унапредена соработката во рамките на билатералната помош.

Од јули 2018 година е назначен за Шеф на државната делегација и Главен преговарач со Европската Унија, под чија палка беше започнат, се водеше, и успешно беше завршен процесот на објаснувачки скрининг со Европската Унија.

Османи е постојан член на Владиниот кризен штаб за справување со КОВИД19, а во првата половина од 2020 година, беше назначен за Главен координатор на локалните кризни штабови и Кризниот штаб на Градот Скопје.

На 30 август 2020 година, Бујар Османи е избран за Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија
Бујар Османи е оженет, татко на две деца. Зборува албански (мајчин јазик), македонски, англиски и делумно француски јазик.

Министерот Бујар Османи во лична сопственост пријавил дека има автомобил „Ауди А6“ 2004/2013, вреден 5.854 евра, еден заем од 26.992 евра и кредит од 60.000 евра.

Неговата сопруга добива месечна плата од 407 евра и поседува автомобил „Опел Корса“ од 2.927 евра.

Родителите на Османи имаат месечна пензија од 276 евра и поседуваат куќа со двор во Скопје вредна 178.862 евра.

Вредноста на имотниот лист на Бујар Османи, без заемот и кредитот, изнесува 188.000 евра и истата е пресметана според податоците објавени на веб-страната на Државната комисија за спречување на корупција.

За разлика од претходно, во новиот имотен лист платата на неговата сопруга изнесува 870 евра месечно. Имотот и долговите остануваат непроменети.

Новата вредност на имотниот лист на Османи изнесува 187.000, без да се пресметат приходите од брачниот другар и родителите.

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) во октомври 2018 отвори шест нови истраги, меѓу кои и случајот „Пациент“, каде како еден од осомничените се појавува и министерот Бујар Османи.

 

Вкупен имот во € по години