СКУП Македонија е невладина и непрофитна организација чија цел е да го унапредува, поддржува и поттикнува истражувачкото новинарство. Нејзина задача е да им дава поддршка на новинарите во секојдневната работа, да им помага финансиски или професионално во промовирањето на истражувачкото новинарство во земјата и регионот, но и на светско ниво.
Постоењето на СКУП Македонија го овозможи Данската асоцијација за истражувачко новинарство и мрежата на Центри за истражувачко новинарство кои се дел од Проектот за известување за организиран криминал и корупција со седиште во Сараево. Истовремено СКУП Македонија доби поддршка и од останати релевантни организации од целиот свет активни во истата област, а со кои имаме плодна соработка и од кои добивме огромна поддршка при основањето на центарот.
Во изминатите години, проектот СКУП од Данска со седиште во Копенхаген, со помош на Меѓународната медиумска поддршка, несебично го промовира истражувачкото новинарство во Македонија, а резултат од тоа се бројните истражувачки стории објавувани како во локални, така и во национални печатени и електронски медиуми во земјата. Охрабрени од тој факт, ние би сакале да ја продолжиме мисијата и со новиот Центар за истражувачко новинарство СКУП Македонија, а во партнерство со сите организации активни на полето на истражувачкото новинарство.