ЕКСПОЗИЦИЈА

Оливер Спасовски

Министер за внатрешни работи
СДСМ

Оливер Спасовски е роден на 21 октомври 1976 година во Куманово.  Основното и средното училиште ги завршува во родниот град. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде во моментот е магистрант по управно право.

Според официјалната биографија, професионална кариера ја започнува во 2000 година како адвокатски приправник. Во периодот од 2001 до 2005 година работи како советник на градоначалникот на Општина Куманово. А од 2008 до 2011 година ја извршува функцијата секретар на Општина Куманово.

Спасовски во периодот од 2006 до 2008 година, од 2011 до 2014 година и од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието. На последните парламентарни избори во 2020 година повторно ја добива довербата на граѓаните и е избран за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

Во мандатот од 2011 до 2014 година е претседател на Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Украина и член на делегацијата на Собранието во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Португалска Република и Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Словенија.

Во периодот од 11 ноември 2015 година до 18 мај 2016 година и во период од 2 септември 2016 година до 28 декември 2016 година ја извршува функцијата министер за внатрешни работи во преодната Владата, која требаше да обезбеди услови за спроведување фер и демократски избори.

Функцијата министер за внатрешни работи ја извршува и во периодот од 31 мај 2017 година до 3 јануари 2020 година во првиот мандат на Владата предводена од премиерот Зоран Заев.

На 3 јануари 2020 година е избран за претседател на преодната Влада на Република Северна Македонија, функција која ја извршуваше до 30 август 2020 година.

Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата министер за внатрешни работи во вториот мандат на Владата предводена од премиерот Зоран Заев.

Спасовски во периодот од 2003 до 2004 година е член на Претседателството на Централниот одбор на СДСМ, а од 2005 до 2006 година е организационен секретар на СДСМ.

Од 2013 до 2017 година ја извршува функцијата генерален секретар на СДСМ, а во 2017 година е избран за потпретседател на СДСМ.

Зборува англиски и француски јазик. Оженет е, татко на две деца.

Во 2016 година министерот Спасовски пријавил дека поседува автомобил Пежо 307 2006/2006 вредно 4,878 евра, куќа во Куманово вредна 120.000 евра и уметнички слики во вредност од 4.228 евра. Спасовски има и две денарски платежни картички со вкупна вредност од 7.154 евра, како и кредит 9.756 евра.

Неговите родители поседуваат две денарски платежни картички во вредност од 1951 евра, куќа во Старо Нагоричане вредна 20.000 евра, две земјишта во вредност од 55.111 евра, како и шума исто така во Старо Нагоричане која е вредна 68.780 евра. Тие располагаат со автомобил Шкода Фабија 2008/2010 вреден 3.902 евра и трактор Фергусон ИМТ 533 1980/1980 вреден 2.439 евра.

Сопругата на Спасовски има денарска платежна картичка со 488 евра.

Вредноста на имотниот лист на Оливер Спасовски изнесуваше 298.688 евра и истата е пресметана од податоците објавени на веб-страната на Државната комисија за спречување корупција. 

Во најновата состојба, пријавениот имот од страна на Спасовски изнесува 340.156, што е за околу 42 илјади поголем во спредба со претходниот. Разликата претежно е заради зголемување на банкарските депозити од 7.154 евра во 38.628 евра.

МЕСЕЧНА ПЛАТА: 71.066 денари.

На бараната информација за потрошени средства за службени патувања на Оливер Спасовски, од министерството за внатрешни работи не упатија на Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.

На бараната информација за фотокопии или скенирани податоци од изводи од службената картичка на министерот и неговиот заменик во период од јануари 2018-та до јули 2018-та година и фотокопии или скенирани податоци од документите по кои се книжени промените на сметка на репрезентација на министерството во период од јануари 2018-та до јули 2018-та , од министерството за внатрешни работи не упатија на Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.

Министерот Оливер Спасовски, според Алатката за отчетност на трошоците на носителите на јавните функции, во 2018-та година, до месец мај, има потрошено 240.757 денари, и тоа:
– Авионски карти: 36.074 денари
– Дневници при патување во странство: 35.525 денари
– Подароци подарени на службени лица или меѓународни организации, дадени за време на официјални посети, гостување или во други околности: 48.899 денари
– Угостителски услуги во земјата преку надворешни угостителски објекти: 28.860 денари
– Угостителски услуги во странство: 19.327 денари
– Хотелско сместување во странство: 172.072 денари

Вкупен имот во € по години