ЕКСПОЗИЦИЈА
- Home
- ЕКСПОЗИЦИЈА
Павле Богоевски
Пратеник
Независни пратеници
Пратеникот Павле Богоевски е роден на 14 февруари 1986 година во Скопје. Дипломирал на факултетот за безбедност при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На парламентарните избори во 2016 година станал пратеник како петти носител на пратеничката листа на СДСМ во првата изборна единица, каде партијата освоила 10 пратенички мандати. Богоевски претходно работел како асистент на факултетот за безбедност во Скопје и ментор во полициската академија, а потоа и во ЛГБТ центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права. Богоевски бил еден од предводниците на протестното движење „Шарена револуција“ кое барало поништување на аболициите кои претседателот Ѓорге Иванов во 2016 ги дал на 56 лица опфатени во истрагите на Специјалното јавно обвинителство.
Активности во Собранието:
- Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, претседател;
- Комисија за одбрана и безбедност, член;
- Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, член;
- Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, заменик-член;
- Комисија за еднакви можности на жените и мажите, заменик-член;
- Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на САД, член;
- Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Холандија, член.
Имотниот лист на Павле Богоевски се состои од имотот на неговите родители и тоа земјиште и куќа во Скопје, вредни 91.515 евра.
На неговата имотна состојба се уште стојат податоци за имотната состојба за неговата поранешна сопруга кои се пресметани во неговата вкупна имотна состојба и тоа: автомобил Фиат Пунто вреден 1.626 евра и два кредити од вкупно 7.642 евра.
Вредноста на пријавениот имот на Павле Богоевски изнесува 100.784 евра и истата е пресметана според податоците објавени на веб-страна на Државната комисија за спречување на корупција.
Собраниски активности за 2018 година:
- Број на присуства во Собрание: 115
- Број на отсуства: 0 оправдани и 6 неоправдани отсуства
- Број на поднесени предлог закони/амандмани: 8 закони и 113 амандмани
- Број на пратенички прашања: 6
- Број на излагања на пленарна седница: 7 дискусии на пленарна седница, 11 (контра)реплики и 0 процедурални
- Број на излагања на седници на работни тела, совети и други тела: 19
- Работни тела член/присуство/одржани: 6/17/27
- Работни тела заменик член/присуство/одржани: 4/3/6
- Број на регистрирани гласања на пратеникот (закони/амандмани/останато1/останато2): 208/0/413/229
Податоците се преземени од извештајниот период од јануари до јуни 2018 година и извештајниот период од јули до декември 2018 година, кој е производ од соработката на Собранието на Република Македонија со Граѓанската асоцијација „МОСТ“.
- МЕСЕЧНА ПЛАТА: 67.419 денари (со исклучок на периодот март-јули кога земал плата од 67.743 денари )
- Во период од јануари до јули вкупно земал: 473.553 денари или 7.700 евра
- Дневници за службени патувања во странство за периодот јануари-јули 2018 година: 133 евра.
Богоевски беше обвинет за фрлање боја врз фасадата на Министерството за култура за време на протестите од 18 април 2016 година, но судските рочишта повеќе пати се одлагаа бидејќи обвинителството не пресмета колкава материјална штета била предизвикана. Подоцна обвинителството се откажа од кривичен прогон на пратеникот бидејќи се утврди дека никој нема право без одобрение на Заводот за заштита на спомениците на културата да презема какви било дејствија врз заштитениот објект, а уште помалку да го вештачи. Единствена надлежна и лиценцирана институција за утврдување штета на вакви објекти е Заводот за конзервација.
Во мај 2019 година, Богоевски поднесе оставка од својата пратеничка функција, по негативните реакции во јавноста откако протече прислушкуван разговор во кој се слуша како пратеникот преку телефон прави некаква нарачкa. Подоцна, тој соопшти дека станувало збор за нелегална набавка на масло од канабис за близок болен член од семејството, а не кокаин како што тврди на сајтот каде што беше објавена снимката. Богоевски јавно бараше да му биде направен тест за наркотични дроги како доказ дека ја зборува вистината. Не е познато дали во полициската станица кога Богоевски го пријавил случајот било исполнето неговото барање, со оглед на тоа дека не е фатен со дрога, па да го тестираат, туку пријавил дека место од аптека, нарачувал како што вели, канабис од друго место.
Скопската полиција до основното јавно обвинителство Скопје достави известување кон кое е приложен Записник за примена кривична пријава со кој пратеникот Павле Богоевски пријавил непознат сторител на кривично дело – Неовластено прислушување и тонско снимање.
Како што информираа од Обвинителството, според наводите во пријавата на Богоевски, на неодреден датум во периодот од март до мај 2019 година, додека се превезувал со такси возило и разговарал на мобилен телефон, тој неовластено бил сниман од возачот. Разговорот потоа бил објавен на „Јутјуб“ профилот Бомби 2019 како и на руската социјална мрежа „vkontakte“.