ЕКСПОЗИЦИЈА
- Home
- ЕКСПОЗИЦИЈА
Благој Бочварски
Министер за транспорт и врски
СДСМ
Благој Бочварски е роден на 9 јануари 1985 година во Штип. Основното и средното образование го завршува во родниот град.
Дипломира на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Според официјалната биографија објавена на веб-страната на владата, професионалната кариера ја започнува во 2011 година во градежната компанија „Пелагонија-Инженеринг“ – Штип како дипломиран инженер архитект. Во почетокот е ангажиран како стручен соработник, а потоа добива овластувања за проектирање и изведба на објекти од Комората на овластени инженери и архитекти.
На парламентарните избори во 2016 година е избран за пратеник во Собранието. Пратеничката функција ја извршува до локалните избори во 2017 година.
Од 3 ноември 2017 година стапи на функцијата градоначалник на Општина Штип. Потоа како градоначалник е избран за член на Управниот одбор на ЗЕЛС.
Во текот на градоначалничкиот мандат е избран за копретседавач на Заедничкиот консултативен комитет на Северна Македонија со Европската Унија. Во рамки на ЗЕЛС е избран за претседател на Комисија за урбанизам.
Од 2019 година ја извршува функцијата претседател на Источниот плански регион.
По парламентарните избори во 2020 година од 30 август ја извршува функцијата министер за транспорт и врски во вториот мандат на Владата предводена од премиерот Зоран Заев.
Во 2014 година е избран за Претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ, а од 2017 до 2019 ја извршува функцијата потпретседател на СДСМ.
Други позначајни професионални ангажмани: Од 2018 до 2020 год учествува на седум конференции како дел од проектот „Future of Europereload” како градоначалник на Општина Штип заедно со уште шест општини од ЕУ.
Поседува напредни информатички вештини и одлично ги познава програмите Auto Cad и Archi Cad. Има сертификат за користење на програмата 3DS Max.
Зборува англиски јазик.
Како градоначалник од личен имот, во анкетниот лист, Благој Бочварски изјавил дека поседува БМВ 525Д вредно 22 илјади евра, девизен депозид од 5.200 евра и девизна штедна книшка од 921 евра. Тој на свое име има и два кредити од 6.000 односно 10.000 евра. Останатиот имотнаведен во неговата листа припаѓа на неговите родители и истот се состои од дел од куќа, стан, моторни возила, дивиденди како и кредит.
Вредноста на имотниот лист на Благој Бочварски како градоначалник изнесуваше 199.431 евра и истата е пресметана според податоците објавени на веб-страната на Државната комисија за спречување корупција.
При стапувањето на новата функција како министер за транспорт и врски, Бочварски пријавил имот вреден околу 243 илјади евра, што е поголем за 43 илјади евра. На негово име има само банкарски сметки со околу 4 илјади евра, додека останатиот имот е пријавен на име на неговите родители.
Од недвижеб имот на родителите пријави дел од куќа во Скопје (113 м2), дел од куќа во Штип (137 м2), дел од куќа во истиот град (68 м2), стан во Скопје (49 м2), три моторни возила (Хјундаи Траџет 2002/2015, БМВ 525Д 2010/2017, Мерцедес 220 ЦДИ 2008/2018), удели од по 50 отсто во три компании, во последните три години има приходи од три дивиденти со вкупна вредност од околу 40 илјади евра и банскарски депозити во износ од околу 6 илјади евра.