ЕКСПОЗИЦИЈА

Министер за правда

Бојан Маричиќ е роден 7 јануари 1983 година во Скопје.

Според неговата биографија објавена на веб-страната на Владата, Дипломира во 2006 година на отсекот меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во 2009 година магистрира по меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам, Кралството Холандија, со целосна стипендија од МТЕК програмата на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.

Во 2011 година магистрира на Современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Обединетото Кралство, со целосна стипендија доделена од Чивнинг програмата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство.

Професионалната кариера ја започнува 2006 година како демонстратор по Право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Од февруари 2007 до август 2008 година е проектен асистент на проект за приближување на европското законодавство во Секторот за правни и кадровски работи на Министерството за внатрешни работи.

Од септември 2009 до септември 2010 година работи како проектен координатор и аналитичар во правната програма, програмата за јавна администрација и ЕУ програмите во Фондацијата отворено општество – Македонија.

Од септември 2011 до ноември 2013 година е ангажиран како виш истражувач за правни и политички прашања во Евротинк – Центар за европски стратегии, водечка граѓанска организација за истражување, обуки и мониторинг на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ.

Маричиќ е истражувачки асистент на Фулбрајт проект на професорот Кит Браун од Браун Универзитет, САД во периодот од  октомври 2012 до октомври 2013 година.
Функцијата извршен директор на Евротинк ја извршува од ноември 2013 до јуни 2017 година.

Во периодот од јуни 2017 до јануари 2020 година е посебен советник за евроатлантски интеграции на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Од јули 2017 година е национален шерпас за Берлински процес, а од јули 2018 година е заменик на главниот политички преговарач, главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим за пристапување на Република Северна Македонија кон Европската Унија.

Маричиќ  од јануари 2020 година е национален координатор за интеграција во Европската Унија, Берлински процес и регионална соработка.

Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата министер за правда во вториот мандат на Владата предводена од премиерот Зоран Заев.

Автор е на преку 20  академски и аналитички публикации во областа на ЕУ интеграциите на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ.

Маричиќ има долгогодишно предавачко искуство на обуки, академски предавања за ЕУ прашања, јавно говорење, аргументација и дебата и формулирање на јавни политики и застапување.

Реализирал голем број на консултантски услуги за проектен циклус, пишување проектни апликации; менаџирање на промени, реформи, стратешко планирање, застапување и лобирање и комуникациски стратегии на граѓански организации и јавни институции.

Како и долгогодишно искуство за анализи и истражувања за меѓународни организации и домашни политички и граѓански фактори.

Министерот Маричиќ како личен имот има пријавено само моторно возило „ЦИтроен Ц4 2008/2015“ во вреднос од околу 3 илјади евра. Останатото е имот на деца или заеднички имот. Па така, како заеднички имот има пријавено стан од 62 м2 во Скопје во вредност 58 илјади евра, 2.200 евра и 15.000 денари има девизен депозит на име на децата.

Тој има пријавено и две кредити: првиот во износ од 200 илјади денари (3200 евра), кој е земен во 2017 и треба да биде отплатен во текот на оваа година, додека вториот –  3 милиони денари (48.8 илјади евра) кој е земен во 2015 година и има рок на отплата до 2045 година.

Вкупниот имот пријавен од Маричиќ изнесува 133.000 евра.

Опозицијата и медиумите ја критикуваа владата на Зоран Заев кога во 2017 година го означи Бојан Маричиќ за советник заради фактот што неговата сопруга беше шеф на кабинет во Министерство за правда додека неговиот татко – јавен обвинител.

Вкупен имот во € по години