ЕКСПОЗИЦИЈА

Министер за информатичко општество и администрација

Јетон Шаќири  е роден на 17 март 1987 година во Струга, каде завршува основно и средно гимназиско образование.

Според официјалната биографија, во 2005 година се запишува на Економскиот факултет при Државниот универзитетот на Тетово – Скопје, каде дипломира во 2008 година.

Во 2008 година се запишува на постдипломски студии на Економскиот факултет при Меѓународниот универзитет во Струга, каде во 2010 година со одбраната на магистерскиот труд се стекна со научен степен магистер по економски науки.

Во 2010 година се запишува на докторски студии на Економскиот факултет  при Универзитетот на Тирана, Република Албанија и на 16 септември 2016 година ја одбрани докторската дисертација под наслов „Банкарскиот надзор и предизвиците при реализација на Базел II и Базел III во Р. Северна Македонија. (Анализа која е направена врз основа на поуките од финансиската криза од 2008-2009 година)“.

Искуството како предавач на група предмети по економски науки го почнува многу млад.

Во периодот од 1 септември 2008 година до 12 ноември 2010 година како помлад асистент е соработник по група предмети од областа на економските науки на Факултетот за економски науки при Меѓународниот универзитет во Струга.

Од 12 ноември 2010 година до 6 декември 2013 година  како асистент е соработник по група предмети од областа на економските науки на Факултетот за економски науки при Меѓународниот универзитет во Струга.

Од 6 декември 2013 година до  29 ноември 2016 година е ангажиран како асистент докторант на истиот факултет.

До  29 ноември 2016 година како доцент  е наставник  по група предмети од областа на економските науки на Факултет за економски науки при Меѓународниот универзитет во Струга.

Во периодот од септември 2009 година до јуни 2018 година е раководител  на додипломски и последипломски студии на Меѓународниот универзитет во Струга.

Неговите менаџерски вештини ги покажа и при успешното управување со МЈП „Проаква” – Струга и ЈП „Водовод и канализација”- Струга.

Од јуни  2018 до декември 2019 година ја врши функцијата директор на МЈП „Проаква” во Струга, а од јануари до август 2020 година е директор на ЈП „Водовод и канализација” – Струга.

Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата министер за информатичко општество и администрација во вториот мандат на Владата предводена од премиерот Зоран Заев.
Во периодот од 2008 до 2016 година е член на организациониот одбор на неколку меѓународни научни собири.  Учествувал на голем број стручни обуки и конференции.
Автор е на повеќе стручни трудови од областа на економијата и финансиите.

Зборува албански, македонски и англиски јазик.

Како личен имот на неговиот имотен лист има наведено само три моторни возила, со вкупна вредност од 18.500 евра, побарувања за кои не дал податок во износ од 4.500 евра како и три кредити во износ од 7.700 евра.

Како имот на брачен другар пријавил стан со површина од 81 м2, со вредност од 48.000 евра,  без да наведе каде се наоѓа станот, како и благородни метали во вредност од околу 5.000 евра.

На има на неговите родители Шаќири пријавил имот во вредност од околу 345.000 евра, каде влегува деловен простор, три парцела земјиште и куќа во Струга, како и едно моторно возило.

Вкупната вредност на имотната состојба пријавена од страна на Шаќири изнесува 419.200 евра.

Биографијата на министерот Шаќири предизвика реакции во јавноста заради фактот што се наведуваше дека докторирал на 21 година. По објавување на ова информација, Шаќири појасни дека се работи за техничка грешка зошто докторирал на 29 години.

Вкупен имот во € по години