Носителите во „двојка“ вредат близу половина милион евра – Мисајловски најбогат, Гаши пријавил најмал имот и без наведена вредност
Центарот за истражувачко новинарство „СКУП – Македонија“ во рамки на проектот „ПЕП“ ги анализираше податоците од имотните листови на носителите на пратеничките листи од втората изборна единица .
Подготвил: Тим на СКУП Македонија
Во изборната единица 2, за парламентарните избори во мај ќе се бираат пратеници од вкупно пет кандидатски листи. Во „двојката“, Оливер Спасовски е носител на СДСМ и коалицијата, Владо Мисајловски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Африм Гаши од Алтернатива на коалицијата „Вреди“, Даниел Стојчевски од ЗНАМ и Амар Мециновиќ од Левица.
Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ најбогат во „двојката“
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничка листа во изборната единица 2, Владо Мисајловски е најбогат помеѓу петтмината носители на листи. Мисајловски пријаивил имот во вредност од 224.390 илјади евра.
Тој на свое име пријавил градежно изградено земјиште во Скопје, автомобил марка „Ауди А4“ и денарска платежна картичка. Има пријавено и кредит и кредитна картичка. На име на брачен другар, Мисајловски пријавил автомобил марка „Мерцедес Б класа“, денарска платежна картичка и кредит. На имот на родители пријавена е компанија „Кендо Три ДООЕЛ“ Скопје, без податок за вреднот како и правно лице „Креатива 5“ на име на својот брат, исто така без наведена вредност.
Од скандали што го следат Мисајловски е сопственоста на компанијата Ем Медиа од страна на неговиот брат Ацо Мисајловски. Оваа е сопственик на порталот Курир, македонска верзија на српскиот портал со исто име.
Ацо Мисајловски го продава уделот од оваа компанија на уредникот Саше Стојановски, во мај 2015 година, еден ден подоцна откако Владо Мисајловски стана министер за транспорт и врски.
Стојановски фигурира и како сопственик на телевизијата „Канал еден“ од Велес, што ја купил кон крајот на декември 2014 година. Претходно, сопственик на оваа телевизија била фирмата НВСП, чиј газда е Владислав Стајковиќ.
Инаку НВСП се спомнуваше и во аудио разговорите на опозициската СДСМ, кога наводно се договараше фирма каде што треба да легне провизијата од договорот со Израелците за набавка на опрема.
НВСП е и прв сопственик на агенцијата за обезбедување Секјурити Груп Сервисис (СГС), која добиваше голем број тендери за обезбедување, а за кои Призма пишуваше тврди дека зад фирмата стои поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Газдата на НВСП Стајковиќ е директор на „Мобико“, фирма чиј газда е Жарко Луковски – поранешен генерален директор на „Т-Мобиле Македонија“. Кум на Луковски е поранешниот директор на УБК, Мијалков. Луковски почина во 2019 година.
Двајца кумновци, Стојчевски од ЗНАМ и Спасовски од СДСМ во Топ 3 најбогати во „двојката“
Носителот на ЗНАМ за наша Македонија во изборната единица 2, Даниел Стојчевски како директор на кумановското комунално претпријатие пријавил имот во вредност од 138.699 илјади евра.
Тој на име личен имот пријавил куќа во Куманово со површина од 219 м2 стекната со договор за подарок, автомобил марка „Опел Инсигниа“ како и два кредита. На име на брачен другар, Стојчевски пријавил земјиште во Старо Нагоричане со површина од 180 м2 и автомобил марка „Рено Клио“.
Поранешниот прв човек на македонската полиција и носител во изборната единица 2 на СДСМ, Оливер Спасовски пријавил вредност на имот од 72 965 илјади евра. Во неговиот анкетен лист забележливо е дека за поголем дел од имотот нема наведено вредност на истиот.
Тој на свое име пријавил куќа во Куманово за која нема наведено вредност и податок за начин на стекнување. Од подвижен имот поседува моторно возило „Цитроен Ц4“ и уметнички слики. Поседува и две денарски платежни картички. На имот на брачен другар, Спасовски пријавил денарска платежна картичка, додека на имот на деца автомобил марка „Пежо 208“. На имот на родители има пријавено куќа во Младо Нагоричане, како и поголема површина на земјиште без да наведе податок на стекнување и вредност. На име родители пријаивл, трактор „Фергусон ИМТ“ и автомобил „Шкода Фабија“. Пријавил и две денарски платежни картички.
Скандали за сомнителни зделки кои се поврзани со Спасовски се набавката на возила без тендер во 2018 година. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ преку институциите ги враќа парите на фирмите што им донираа. Автомобилите се набавени од ,,Делукс-ауто’’ во Куманово. Наместо тендер оваа зделка е договорено во четри очи без никаква транспарентност.
Поранешниот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, го обвинуваше Спасовски за нераскинување на договор за набавка на 3.000 пара чизми во вредност од околу 250.000 евра бидејќи фирмата задоцнила со испораката.
Африм Гаши од коалицијата „Вреди“ тежи едвај 9 илјади евра – пријавил имот без да ја наведе неговата вредност
Носителот на коалицијата „Вреди“ и претседател на политичката партија Алтернатива, Африм Гаши „тежи“ 9 981 илјади евра. Гаши во анкетниот лист пријавил имот, но исто како и кај Спасовски, на најголем дел од имотот нема навдено вредност на истиот.
Тој на свое име во анкетниот лист пријавил куќа во Скопје од 257 м2 за која нема наведено вредност во пари, стекната со договор за подарок. Гаши пријавил и автомобил марка „Мерцедес Е350“ и две трансакциски сметки за кои нема наведено вредност. На име на брачен другар, Гаши пријавил автомобил „Рено Клио“ стекнато со договор за купопродажба, благородни метали, накит стекнати со договор подарок како и кредит. На име на родители во анкетниот лист е пријавена месечна пензија и земјиште во постапка за трансформација без наведена вредност, стекната на друг начин.
Амар Мециновиќ од Левица го нема во регистарот на Државнта комисија за спречување на корупција (ДКСК)
Носителот во „двојката“ од Левица, Амар Мециновиќ го нема во регистарот на анкетни листови на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Тоа се должи на фактот што Мециновиќ досега нема извршувано именувана функција и поради тоа нема должност да го пријави својот имот.
Во нашето истражување ги аналзиравме анкетните листови на четворица од петмината носители на пратенички листи во изборната единица 2 чија вкупна вредност изнесува 446. 035 ијлади евра.