Во рамките на проектот ПЕП поддржан од Фондацијата НЕД со седиште во Вашингтон, СКУП продолжува систематски да ги следи, истражува и анализира имотите и на актуелните градоначалници на локалните самоуправи во Република Северна Македонија. Од каде го стекнале имотот? Дали имаат основа за истиот? Како ќе се менува структурата на нивниот имот и што се крие зад тие промени?
Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ
Десетте најбогати градоначалници во Република Северна Македонија тежат околу 30 милиони евра. Меѓу нив еден е на ВМРО-ДПМНЕ, но е прв на листата, додека шест гравитираат или се членови на СДСМ. Од вкупно три градоначалници на партијата Алијанса за Албанците, и тројцата се наоѓаат на листата на топ 10 најбогати градоначалници.
На прво место се наоѓа градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, за потоа да следат Николчо Илиев – прв човек на Кочани, Исен Шабани на Врапчиште, Албон Џемаили на Боговиње, Петре Шилегов на Град Скопје, Арбен Таравари на Гостивар, Константин Георгиески на Охрид, Герасим Конзулов на Радовиш, Никола Андонов на Ново Село и Александар Наумоски на Ѓорче Петров.
БИЗНИСМЕНИ, АВОКАТИ И ЛЕКАРИ –БОГАТИ ОПШТИНСКИ ТАТКОВЦИ
Според податоците од Државната комисија за спречување на корупција и криминал, сопственичката структура на градоначалниците е слична како кај високите функционери. Пријавени се коли, трактори, мотори, златен накит, часовници, уметнички слики, недвижен, но и непрецизиран имот, како и банкарски сметки, удели и кредити.
Највреден имот од актуелните градоначалници пријавил Митко Јанчев. Триесет и осум годишниот кавадарчанец поседува имот вреден скоро 11 милиони евра. Вкупниот недвижен имот во Кавадрци, Ваташа, Скопје и Охрид, кој го поседува Јанчев, а вклучува земјишта, станови, куќи и непрезициран имот изнесува 240,770 м2 и е вреден 1.865.124 евра. Неговиот возен парк се состои од БМВ Серија Х, два мотори Априлиа и пет трактори, додека пак неговата сопруга поседува Ленд Ровер Евокју од 2013 година.
СКУП уште во 2017-та година пишуваше за имотите на градоначалниците. Тогаш на првото место се најде првиот човек на Кочани, Ратко Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ со вреден имот од 3.511.283 евра. Сега со општината управува Николчо Илиев како натпартиски кандидат предложен од коалицијата што ја предводеше СДСМ. Тој во моментов е на второ место по вредност на имот со 7.475.131 евра. Најголемиот дел од имотот се состои од девизни депозити кои ги поседуваат Илијев, неговата сопруга и децата. Илијеви поседуваат куќа за одмор во Грција, но располагаат и со недвижен имот во Кочани, Полаки и Јастребник.
Поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Исен Шабани кој беше избран за градоначалник на Врапчиште во 2017-та година тежи 3.299.988 денари. Шабани во ДКСК пријавил заеднички недвижен имот во Градец, Тетово и Гостивар, кој е најброен по ставки во неговата имотна листа. Тој поседува два автомобила Мерцедес и Ауди, како и две девизни штедни книшки со 20.000 швајцарски франци, односно 50.000 евра.
Четвртото место со имот вреден 1.367.683 евра му припаѓа на медицинарот Албон Џемаили кој управува со општина Боговиње. Неговиот имот не брои многу ставки за разлика од претходните градоначалници, но сепак достигнува милионска сума. Карактеристично за Џемаили е тоа што тој го пријавил имотот на своите родители во Боговиње и Тирана – Албанија, како и „Лекови во ПЗУ Аптека „Еларда“ на неговата сопруга. Додека пак, на свое име пријавил само две моторни возила.
Петре Шилегов, поранешниот адвокат, а сега градоначалник на главниот град располага со имот вреден 1.332.115 евра. Шилегови поседуваат златен накит и часовници во вредност од околу 130.000 евра, како и уметнички слики од близу 50.000 евра. Покрај недвижниот имот во Скопје кој брои четири стана и една куќа, тие имаат и куќа со земјиште во Маврово од 55.000 евра. Шилегов добива и месечен надоместок околу 800 евра месечно за консултативни услуги.
Поранешниот министер за здравство, актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, поседува имот вреден 1,007,176 евра. Тој вози Волво ХЦ вредно близу 50 илјади евра и има денарски депозит од близу 11 илјади евра. И неговата сопруга има депозит од 31 илјади евра, вози Мерцедес А класа вреден 1.800 евра, но поседува и стан во Скопје, како и златен накит вреден близу 22 илјади евра. Заедно, тие се сопственици на уметнички слики од македонски автори вредни близу 4 илјади евра. Останатиот имот е во посед на неговите родители и се состои од две куќи, градежно земјиште, три деловни простори и двор.
Специјалистот за интерна медицина и акутелен градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, кој стапува на функција во мај 2019 година пријавил имот вреден 1,001,463 евра. Георгиески вози Опел Сигнум, поседува дел од куќа, пасиште и деловен простор во Охрид. Тој поседува депозити вредни околу 17 илјади евра, кредитна картичка од 800 евра и има долгови од вкупно 67 илјади евра.
Герасим Конзулов, македонски политичар од редовите на СДСМ, акутелен градоначалник на Радовиш, поседува имот од 949,841 евра. Семејството Конзулови поседуваат три фирми, Голд Превоз Дооел, Галактик Дооел и Конзул Транс Дооел. Покрај недвижниот имот вреден 598.622 во имотниот лист на Конзулов има и подвижен имот Опел Антара и БМВ Х5 како и имот на фирма кој опфаќа 5 камиони, кипери и кола.
Градоначалникот на Ново Село, Никола Андонов, поседува имот вреден 821,673 евра. Андонов, за 16 од вкупно 35 ставки во неговата имотна листа ја нема наведено вредноста. Колку вреди недвижниот имот од вкупно 62.123м2 во Скопје, Ново Село и Босилово е под знак прашалник. Наведена е само вредноста на куќата и земјоделското земјиште во Колежино, вредни 86 илјади евра. Останатите 735 илјади евра поттекнуваат од неговите штедни книшки, дивиденди и акции како и од наведениот „Бизнис“ вреден 605 илјади евра.
Десеттиот најбогат градоначалник е Александар Наумоски, првиот човек на Општината Ѓорче Петров. Наумоски поседува имот вреден 726,341 евра. На негово име се куќа во Кичево и две моторни возила, Моторцикл Априлија и БМВ Х5 како и кредит од 10 илјади евра. Неговата сопруга има депозит од 10 илјади евра и кредит од 11 илјади евра. Заедно ти поседуваат уметнички и колекционерски предмети вредни 3 илјади евра. Останатиот недвижен имот наведен во имотната листа на Наумоски припаѓа на неговите родители и се состои од: куќа, два стана, плац, шума и земјоделско земјиште. Тие поседуваат и автомобил Рено Меган вреден околу 2 илјади евра.
ЧЕТИРИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ПОБОГАТИ ПО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ
Кај четири од актуелните градоначалници на кои што ова им е втор мандат е забележано зголемување на вредноста на нивниот имот, споредено со податоците кои СКУП ги објави во 2017 година, кога и беа одржани последните локални избори.
Општина | Градоначалник | Имотна состојба од 2017 година | Имотна состојба од 2019 година |
Кичево | Фатмир Дехари | 301.205 евра | 302.489 евра |
Теарце | Исен Асани | 134.756 евра | 194.331 евра |
Центар Жупа | Аријан Ибраими | 96.854 евра | 97.687 евра |
Илинден | Жика Стојановски | 93.702 евра | 99.555 евра |
Додека пак, кај седум градоначалници има намалување на вредноста на имотот.
Општина | Градоначалник | Имотна состојба од 2017 година | Имотна состојба од 2019 година |
Брвеница | Енвер Пајазити | 1.464.341 евра | 126.459 евра |
Пласница | Исмаил Јахоски | 794.614 евра | 431.274 евра |
Чучер Сандево | Јован Пејковски | 518.699 евра | 333.333 евра |
Тетово | Теута Арифи | 270.237 евра | 245.725 евра |
Зрновци | Блажо Станков | 213.496 евра | 168.065 евра |
Петровец | Борче Митевски | 168.130 евра | 125.203 евра |
Сопиште | Стевче Трпковски | 134.793 евра | 119.052 евра |