Македонија го ратификуваше Меѓународниот договор за размена на податоци за верификација на изјавите за имот

Најголемиот квалитет на овој договор е што ја проширува можноста за проверка на имотот на јавните службеници надвор од нивните земји. Во текстот на договорот се сугерира да се назначат антикорупциски тела како контакт точки за размена на овие податоци, но на секоја држава останува да утврди според тоа и да го извести депозитарот на овој договор со дипломатска нота кој орган ќе биде контактната точка на нејзината територија

 

Пишува: Кристијан Трајчов

Северна Македонија стана првата земја која го ратификуваше Меѓународниот договор за размена на податоци за верификација на изјавите за имот, кој беше развиен и преговаран под покровителство на Регионална антикорупциска иницијатива.

Меѓународниот договор за размена на податоци за верификација на изјавите за имот има за цел да ја спречи и да се бори против корупцијата преку обезбедување директна административна размена на информации во врска со изјавите за имот помеѓу страните од Договорот.

Договорот им овозможува на телата за борба против корупцијата формално да комуницираат меѓу себе во однос на податоците за странските средства и интереси, значително зајакнувајќи ја верификацијата на декларациите и демонстрирајќи суштинска посветеност во борбата против корупцијата и зајакнување на соработката во регионот на Југоисточна Европа.

Ваквата одлука на Собранието на Македонија треба да ги инспирира и другите потписнички, Србија, Црна Гора и Молдавија, да го направат истиот чекор.

Никола Наумовски од Регионалната антикорупциска иницијатива од Сараево вели дека корумпираните јавни функционери го трошат своето вистинско богатство во странство каде купуваат недвижен имот, поседуваат фирми или депонираат пари на сметки во странски банки.

„Тие ги зајакнуваат своите приватни интереси користејќи странски компании како посредници. На пример, јавните службеници можат да аплицираат на тендер во министерството во кое работат преку фирми што ги поседуваат во странство. Сепак, антикорупциските тела задолжени да ја потврдат точноста на пријавените средства можат да пристапат само до домашните бази на податоци. Засега не постои соодветен механизам кој им овозможува на антикорупциските тела да разменуваат податоци на меѓународно ниво за да проверат дали пристигнатите анкетни листови се точни. Најголемиот квалитет на овој договор е што ја проширува можноста за проверка на имотот на јавните службеници надвор од нивните земји. Во текстот на договорот се сугерира да се назначат антикорупциски тела како контакт точки за размена на овие податоци, но на секоја држава останува да утврди според тоа и да го извести депозитарот на овој договор со дипломатска нота кој орган ќе биде контактната точка на нејзината територија“, вели Наумовски.

Наумовски објаснува дека основното правило е дека антикорупциските тела на две држави потписнички можат да разменуваат податоци доколку и двете тела ја користат оваа категорија на податоци за верификација.

„Антикорупциските тела можат да дадат и дополнителни податоци кои само земјата барател, односно странската земја барател, може да ги користи за да ја провери точноста на анкетниот лист. Исто така, треба да се прецизира дека овој договор подразбира административна размена на податоци меѓу двете држави (антикорупциски тела), при постапката на проверка на имотот на јавните службеници. За разлика од постапката на проверка на имотот на лице во странство преку меѓународна правна помош во кривичната материја доколку против некого се води кривична постапка или проверка на имотот преку меѓународна правна помош во граѓански работи при бракоразводна постапка. Договорот ги проширува можностите на антикорупциските тела да го проверуваат имотот на јавните службеници во странство“, објаснува тој.

Досега овој договор го потпишале четири земји, С. Македонија, Р. Србија и Црна Гора во 2021 година и Р. Молдавија во 2023 година. Само С. Македонија го ратификуваше договорот на 13 август 2024 година. За да започне имплементацијата на договорот, треба уште две земји да го ратификуваат договорот.

 

Category: