Новогодишната елка на даски, плоштадот пак ќе се копа по празниците

 

пишуваат: Ангела Рајчевска, Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ

 

Плоштад Македонија – најпрометното, но и едно од најреновираните места во градот. Простор каде што се одржале многу манифестации, собири, концерти, пречеци на спортисти, но и дочеци на Новата година. Воедно, ова место е омилено за локалните власти. Секој оној, кој што ќе седне на општинското столче ужива во креирањето планови за промена на неговиот изглед. Па така, за реконструкциите на плоштадот „Македонија“ во Скопје – за десет години се потрошија 5.5 милиони евра.

Во септември годинава, четвртиот по ред „татко на градот“, Петре Шилегов, го најави уредувањето на плочникот, односно влезот на Градскиот трговски центар и скопскиот плоштад. Тогаш, на прес-конференција, тој изјави дека за реализацијата на овој проект од градскиот буџет ќе се потрошат 33,2 милиони денари, односно околу 540.000 евра. Со овој проект, тој нагласи дека ќе има целосно осовременување и целосен нов лик на овој простор. Во најавата, тој појасни дека пред ГТЦ освен плочки од 3 вида на површина од речиси 5000 квадратни метри, дополнително ќе бидат засадени 22 костени, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, а ќе биде поставена и соодветна урбана опрема, со оптимален број клупи, корпи за отпадоци, осветлување и заштитни столбови.

На прашањето уште кои активности преостануваат за реализирање во врска со проектот и колку средства се потрошени до сега, во изјава за СКУП, од градот велат дека проектот за реконструкција на плочникот е во тек.

„Во моментов поради одржување на манифестацијата “Винтерленд” и поставената елка и куќарки, работите се привремено прекинати и ќе продолжат по Новогодишните празници. Динамиката за исплата се одвива согласно уредбите од договорот потпишан помеѓу Градот и изведувачот“ – изјавија од Одделението за односи со јавност и информации за граѓаните при Град Скопје.

Шпанските скали останаа неостварена желба

Во минатото за плоштадот беа предвидени и други идеи. Освен неговото присилно опколување со грандиозни згради, претходната власт, односно тогашната владеачка ВМРО-ДПМНЕ најави изградба на таканаречени Шпански скали. Зградата во чиј склоп беа предвидени скалите, требаше да биде висока 16 метри, односно приземје плус три ката. Освен ова, од двете страни на главниот влез беа предвидени две кочии со коњи, а низ целиот објект од надворешната страна околу 25 скулптури.
Скалите требаше да ги гради компанијата „Амадеус Девелопмент“, која на електронска аукција понудила вкупно 1.580.000 евра, за парцела од 1046 квадрати за објект за комерцијални и деловни намени во стил на барок. Но, овој проект заврши неуспешно. По доаѓањето на новата власт, Саша Богдановиќ во 2018-та го поништи решението за изградба на скалите, а истите „завршија“ како случај во Специјалното Јавно Обвинителство. Овој скандал пред суд ги изведе и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакески, Димитар Димовски, член на Извршен комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски, претседател на општински комитет на Аеродром.

Плоштадот Македонија без застој се пресоблекува под ингеренции на скопските татковци, а за неговиот изглед остануваат да сведочат само фотографиите на носталгичните скопјани, кои што се повеќе не го препознаваат својот град.

Category:
Tag:
Comments (0)

Напишете коментар