Павле Арсоски купувал оружје со вредност како едно чоколадо

Ријад Шаќири поседува дури три парчиња огнено оружје. Три парчиња пријавила на име на родител и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска. Сопругот на пратеничката Благица Ласовска истотака поседува огнено оружје. Колкав е арсеналот на македонските пратеници?

 

Изработил: Тим на СКУП МАкедонија

Пратеникот на ЗНАМ, Павле Арсоски поседува колекција на оружје. Во анкетниот лист поднесен како пратеник во македонското Собрание, Арсоски пријавил дури пет огнени оружја, сите стекнати со договор за купување. Сомнително е што нивната вредност изразаена во македонски денари е многу мала, и се движи од 42 до 90 денари.

Љубител на оружје е и неговиот колега, пратеникот од Алијанса за Албанците, Ријад Шаќири. Тој на свое име пријавил три оружја со вкупна вредност од близу 2.500 евра. Најскапото пријавено оружје му вреди илјада евра, а сите се три ги поседува со дозвола за поседување на оружје.

Од пратениците свое оружје поседуваат и Илир Хасани и Муса Џафери од ДУИ и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски.

Пратеникот доктор од  ДУИ, Илир Хасани во својот анкетен лист пријавил оружје. На свое име поседува оружје добиено со дозвола за стекнување во вредност од скоро илјада евра. Оружје на свое име пријавил и неговиот сопартиец, Муса Џафери. Неговото вреди 850 евра и како што е наведено е стекнато во 2015 година. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски пак пријавил оружје во вредност од 400 евра, стекнато со купопродажба.

На име на родители оружје пријавила и најмладата пратеничка во парламентарниот состав, Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ. Таа пријавила три оружја на име на родител сите стекнати со договор за купопродажба од 500 евра по парче.

На име на родители, оружје пријавил и социјалистот, Никола Коњановски. Станува збор за оружје во вредност од 400 евра, кое е стекнато со барање за купување и поседување на оружје и дозвола од Министертсвото за внатрешни работи (МВР).

Оружје на име на брачен другар пријавила и пратеничката Благица Ласовска. Пријавени се две оружја од кое едното е со вредност од 250 евра стекнато со договор за купопродажба. За второпријавеното оружје нема наведено вредност и е пријавено дека е стекнато со наследство.

Category: