Пратениците во „двојка“ тежат над 2 милиони евра – Битиќи најбогат, Гаши пријавил најмал имот
Центарот за истражувачко новинарство „СКУП – Македонија“ во рамки на проектот „ПЕП“ ги анализираше податоците од имотните листови на новоизбраните пратеници во македонското Собрание од втората изборна единица.
Изработил: Тим на СКУП Македонија
Во нашето истражување за имотната состојба на избраните пратеници од втората изборна единица анализираме анкетни листови на 15 народни избраници кои по разични основи имаат доставено податоци за нивната имотна состојба до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во „двојка“ ја сочинуваат осумина пратеници, две собраниски столчиња се резервирани за пратениците од СДСМ и коалицијата, четири за Европскиот фронт на ДУИ, три за Коалицијата „Вреди“, Движењето ЗНАМ за наша Македонија во втората изборна единица освои два пратенички мандати и еден пратеник на партијата Левица.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во „двојка“ вредат над половина милион евра
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во втората изборна единица на изборите освои осум пратенички мандати. Од нив, според нашето истражување најголем имот пријавил потпретседателот на партијата и пратеник, Владо Мисајловски со имот вреден 224.390 илјади евра. Веднаш зад него е пратеникот Зоран Коцевски кој „тежи“ илјада евра помалку, односно 223.300 евра. Бране Петрушевски пријавил имот од 88.755 евра, по него следи пратеничката Жаклина Пешевска со имот вреден 18.763 евра и Бојан Стојаноски со скромни 14.765 илјади евра.
Пратеникот од Демократската партија на Србите во Македонија и коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Стоилковиќ има поднесено анкетен лист до ДКСК, но за ниеден пријавен имот нема доставено податок за неговата вредност.
Пратениците Бобан Николовски и Каролина Насковска ги нема во онлајн регистарот на ДКСК по било кој основ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во втората изборна единица според достапните податоци „тежи“ 569.973 илјади евра.
Двајцата пратеници на СДСМ во изборната единица 2 „тежат“ скоро милион
Двајцата пратеници на СДСМ и коалицијата во втората изборна единица заедно тежат скоро милион евра, односно 473.945 евра.
Најбогат е потпретедателот на СДСМ во оставка, Фатмир Битиќи со пријавен имот од 400.980 илјади евра. Доскорешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски пак пријавил имот од 72.965 евра.
Европскиот фронт на ДУИ и коалицијата „Вреди“ тежат 993.084 илјади евра.
Пратениците од албанскиот политички блок, Европскиот фронт на ДУИ и широката коалиција „Вреди“ пријавиле имот од 993.084 илјади евра.
Коалицијата на интегративците од ДУИ во втората изборна единица освои четири пратенички мандати, меѓу нив најбогат е пратеникот Ељми Азири со имот вреден 299.639 илјади евра. Веднаш зад него е пратеникот, Садула Дураку кој „тежи“ 203.066 евра. Пратеничката Дијана Тоска пријавила имот од 167.798 евра, додека „најсиромашен“ анкетен лист пријавил пратеникот Скендер Реџепи од 82.000 евра. Вкупната вредност на четирите пратеници на Европскиот фронт е 752.503 евра.
„Вреди“ вредат 240.581 илјади евра
Од тројцата избрани пратеници во втората изборна единица од коалицијата „Вреди“ во онлајн регистарот на ДКСК има податоци за двјаца од нив. Најбогата е пратеничката Мерита Колчи-Коџаџику со имот вреден 230.600 илјади евра, додека лидерот на Алтернатива и пратеник Африм Гаши пријавил „скромни“ 9981 евра. Пратеникот Ријад Шаќири нема пријавено анкетен лист во ДКСК по било кој основ. Заедно тежат 240.581 евра.
Даниел Стојчевски од Движењето ЗНАМ вреди 138.699 евра
Новиот пратеник од Движењето ЗНАМ за наша Македонија, Даниел Стојчевски пријавил имот во вредност од 138.699 илјади евра. Неговата колешка, Даниела Белимова нема пријавено имот во ДКСК, најверојатно затоа што досега не е била избрана на именувана функција.
Амар Мециновиќ од партијата Левица како единствен пратеник на партијата на Апасиев во „двојка“ го нема во регистарот на ДКСК и тој, дополнително, како новоизбран пратеник ќе треба да достави анкетен лист.
Во нашето истражување опфативmе 15 пратеници од пет политички партии кои имаат освоено мандати во втората изборна единица и заедно вредат 2.175.701 илјади евра. Најбогати се пратениците на Европскиот фронт на ДУИ со имот вреден 752.503 евра, зад нив се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со 569.973, СДСМ со 473.945 евра, „Вреди“ со 240.581 евра и единствениот пратеник на Движењето ЗНАМ со 138.699 евра.
Најголем имот од пратениците пријавил Фатмир Битиќи од СДСМ од 400.980 евра, додека „најсиромашен“ народен избраник до втората изборна единица е Африм Гаши од Алтернатива со имот вреден 9981 евра.