- Пратеникот Панчо Минов на својот досегашен имот вреден 45.198 евра го додал „непрецизираниот имот“ вреден 23.600 евра.
- Досегашната имотна листа вредна 21.984 евра, Сурија Рашиди ја надополнил со пет нови земјишта вредни 159.614 евра.
- Џеват Адеми го пријавил имотот на своите деца, односно тие се водат како „Косопственик-содружник на ТД ИЦ ЊУ Драјвер ДОО“.
Пишува: Бјанка Станковиќ и Ангела Рајчевска
За период од три месеци пратениците Сурија Рашиди и Панчо Минов се потешки за 173 илјади евра, а Љубен Арнаудов и Сашо Василевски се полесни за 217 илјади евра, покажуваат најновите податоци кои функционерите ги имаат доставено до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Според анализата на СКУП во рамките на проектот ПЕП, пет пратеници имаат нови возила, а четири своите стари автомобили ги замениле со нови. На имотните листи има и нови кредити, заеми и плати.
Пратеникот Панчо Минов на својот досегашен имот вреден 45.198 евра го додал „непрецизираниот имот“ вреден 23.600 евра, кој е во сопственост на неговата сопруга и се наоѓа во Кавадарци. Досегашната имотна листа вредна 21.984 евра, Сурија Рашиди ја надополнил со пет нови земјишта вредни 159.614 евра со што вредноста на неговата имотна листа е зголемена за седум пати. За петте земјишта кои тој ги наследил со својата сопруга не е наведена локацијата. Пријавени се: ливада, лозје, шума и плац. Џеват Адеми го пријавил имотот на своите деца, односно тие се водат како „Косопственик-содружник на ТД ИЦ ЊУ Драјвер ДОО“ кое е стекнато на друг начин, а е проценето на 5.016 евра со што вредноста на неговиот имот се зголеува на 214 илјади евра.
Пратениците отстраниле и дел од имотот што на почетокот го имале пријавено. Сашо Василевски со имот вреден 2 милиони евраја отстранил куќата од 74м2 во Охрид која е проценета на 7 илјади евра а е од 1930 година. Љубен Арнаудов го отстранил своето земјоделско земјиште во Струга вредно 210.731 евра со што неговиот имот се намалува на 800 илјади евра.
ПОДНОВЕНИ ВОЗНИ ПАРКОВИ
Покрај недвижен имот, се забележува дека пратениците се подновиле со автомобили, а дел од нив старите ги замениле со нови.
Пратеникот Илија Николовски се подновил со автомобил Тојота Јарис вредна 10 илјади евра, а пратеничката Славица Шуманска Митева, со автомобил Сеат Леон вреден околу 5 илјади евра.
Останатите пратеници на своите имотни листи ги дополниле автомобилите на своите брачни другари. Сопругот на Лидија Тасевска се подновил со Рено Меган вредно 8.000 евра, сопругата на Никола Мицевски со Митсубуши колт од 900 евра и сопругата на пратеникот Горан Манојловски се подновила со Киа Пиканто вредна 1.600 евра.
СТАРО ЗА НОВО
Некои од пратениците ги отстраниле своите стари автомобили и на нивното место ставиле нови. Па така, пратеникот Александар Кирацовски својата Шкода Октавија ја заменил со Фолксваген Голф 7 вреден 9.800 евра. Драган Данев својот Ровер 25 од 2 илјади евра го заменил со Опел Астра на име на неговата сопруга, вредна 6 илјади евра. Никола Попоски заедно со сопругата го замениле автомобилот Ауди А3 2007 со БМВ Х1 вредно 40 илјади евра. Трајчо Димков го отстранил автомобилот Шевролет Авео кој го заменил со Пасат вреден 2.000 евра.
Сашо Василевски од имотната листа отстранил еден од своите автомобили Мерцедес 2003/2013 вреден 13.000 евра, а пратеникот Џеват Адеми го отстранил својот Фолксваген Голф 7 2013/2016.
НОВИ КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ, РЕНТИ И ПЛАТИ
Горан Манојловски ја пријавил својата кредитна картичка со 5.430 евра. Додека пак, пратеничката Славица Шуманска Митева го пријавила имотот на својот сопруг. Тој зема месечна плата чија вредност не е наведена во имотниот лист на Шуманска, а поседува и удели од 2018-та година, за кои таа не дала податок на кој начин се стекнати, ниту пак за каде се однесуваат. Шуманска Митева поседува кредитна картичка без наведена сума, а во 2018-та година подигнала и кредит за кој не е наведена вредноста, а истиот треба да се исплати до 2026 година. Годинава, кредит подигнала и пратеничката Лилјана Кузмановска. Кредитот е во висина од 7.154 евра и Кузмановска треба да го врати во наредните 95 месеци.
Пратеникот Антонио Милошовски го додал месечниот додаток за трето дете во износ од 8.500 денари односно 138 евра. Зоран Илиоски пријавил дека со сопругата добиваат месечна рента од 200 евра. Едниот заем од 2012 година од 6.016 е намален на 2.764 евра, додека другиот заем од 400.000 денари од 2017 година е отстранет од имотната листа.