Четворица пратеници не пријавиле имотни листови

Двајца пратеници се од Левица, еден од ВМРО-ДПМНЕ и еден од ВЛЕН

 

Пишува: Кристијан Трајчов

 

Четворица пратеници од македонското Собрание ги немаат пријавено своите имотни листови иако при стапување на функција е законски да го сторат тоа во рок од 30 дена.

Пратениците кои не пријавиле имот се:

 

  1. Аднан Азизи – ВЛЕН
  2. Амар Мециновиќ – Левица
  3. Душко Иванов – ВМРО-ДПМНЕ
  4. Јована Мојсоска – Левица

СКУП Македонија побара информација од  Државната комисија за спречување корупција кои се функционерите што не поднеле анкетни листови во законскиот рок од каде не известија дека токму овие четворица пратеници немаат поднесено изјава за имотна состојба и интереси.

„Државната комисија за спречување на корупцијата на колегиумот одржан на 19.07.2024 година донесе заклучок против 33 лица кои не поднеле изјава за имотна состојба на интереси во законски предвидениот рок по престанок на функцијата пратеник и против 11 лица кои не поднеле изјава за имотна состојба и интереси во законски предвидениот рок по избор на функцијата пратеник (меѓу кои се и четирите горенаведени лица) да иницира прекршочни постапки за прекршок по член 82 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, казнив по член 109 од истиот закон. Пред поведување на прекршочни постапки ќе се спроведат постапки за порамнување со издавање на прекршочен платен налог“, објаснуваат од ДКСК.

СКУП Македонија се обрати и до Собранието на Република Северна Македонија. Преку службените мејлови доставивме прашања до сите четворијца пратеници, но само пратеничката на Левица Јована Мојсоска по мејл ни даде одговор.

„Поради проблеми со системот за најава на личниот УЈП профил, мојот анкетен лист е поднесен во хартиена форма. Известени се и ДКСК за проблемот со електронската најава и чекам термин за состанок за да го надминеме проблемот“, објаснува Мојсоска.

За пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Душко Иванов, анкетениот лист беше ставен откако СКУП побара одјаснување, зошто нема анкетен лист за Иванов.

Со Законот за спречување на корупција, избрано или именувано лице при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки.

Истата обврска ја има и по престанување на функцијата, во рок од 30 дена. Анкетните листови се доставуваат до Државната комисија за спречување на корупција и Управата за јавни приходи.

Избраното или именуваното лице има обврска во рок од 30 дена да го пријави секое зголемување на неговиот имот, односно на имотот на член на неговото семејство, во вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати  во претходниот тримесечен период.

Програмската координаторка од Македонскиот центар за меѓународна соработка Снежана Камиловска Трповска за СКУП вели дека целта на пријавувањето на имотот од страна на функционерите е да се овозможи транспарентен процес во кој ќе се увиди вредноста на движниот и недвижниот имот на сите избрани и именувани лица, како при нивно стапување на функцијата така и по престанокот на функцијата.

„Оваа законска обврска има за цел да превенира несразмерно збогатување, односно користење на функцијата за лични цели и дополнително да овозможи транспарентност од страна на сите граѓани бидејќи идејата на пријавувањето на имотот е тие да бидат јавно достапни се со цел самите граѓани тоа да можат да го следат, со што се намалуваат ризиците од корупција со една крајна премиса дека репресијата ќе биде соодветно спроведена доколку се утврди дека одредено избрано и именувано лице има несразмерно зголемен имот во однос на примањата кои што ги има“, вели таа.

Камиловска Трповска додаде дека причините поради кои не пријавуваат имот не можат јасно да се дефинираат, иако напомена дека можеби одредени функционери не се запознаени со законскиот рок за пријавување во рок од 30 дена, иако ДКСК на својата веб страна објавува листа на функционери кои треба да го сторат тоа.

„За сите важи правилото дека непознавањето на правото не значи и негово непочитување. Законот за спречување на корупција и судир на интереси во членот 109 предвидува глоби за оние лица кои во предвидениот рок не го пријавиле имотот, а кои изнесуваат од 300 до 500 евра. Она што избраните и именуваните лица знаат да го направат е да си ја платат казната и имотот повторно да не го пријават бидејќи тука завршува обврската, односно можноста на ДКСК да предвидува глоби. Од тие причини можеби би требало да се ревидира Законот и да се предвиди и понатамошна постапка“, рече Камиловска Трповска.

Таа додаде дека е важно да се направи соодветна проверка од страна на институциите и дека во последниов период се напоменува дека не постои надлежност за постапување по одредени имотни листови поради застареност на истите, како и дека целта на имотните листови и нивното доставување е да се оневозможи тие лица да се стекнуваат со имотна корист која можеби е прибавена не коруптивен начин.

Поранешниот член на Државната комисија за спречување корупција Ариф Муса објаснува дека обврска на ДКСК е да ги гони избраните и именуваните лица во ваквите случаеви.

„Законот е многу јасен. Она што сакам јас да го потенцирам се малите казни кои функционерите ги добиваат поради непријавување на имотот. Тие дефинитивно треба да бидат поголеми. Има законски алатки по кои таквите лица треба да бидат казнувани и од тоа никогаш не треба да има отстапки. Самите функционери мораат да бидат свесни и одговорни за нивните обврски по стапување на функциите“, вели тој.

Според него, сите функционери се свесни и информирани за оваа обврска и дека институциите ги информираат тие лица дека треба да го пријавуваат својот имот навремено.

 

 

Category: