ОД БЕЛ МАНТИЛ ВО ПОЛИТИЧКИ КОСТУМ: ЛЕКАРИТЕ НАЈБРОЈНИ ВО ПОЛИТИКАТА

 

  • А со што ги привлекува политиката? Во време на дефицит на медицински кадар, лекарите се најбројни помеѓу пратениците.
  • Докторите, и другите професии кои уживаат општ углед, се значајни за подигање на имиџот на партиската понуда, вели Арсовски.
  • Експертот велат дека клиентелизмот како појава не се врзува исклучиво со докторите, туку и со бизнисмените, универзитетските професори и религиозните профили кои се активни во политиката.

 

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

 

Бујар Османи е единствениот специјализант по хепато-билио-панкреатична хирургија, додека Венко Филипче е првиот неврохирург во Македонија и околните земји кој ја основа хибридната неврохирургија на матичната клиниката во Скопје. Но, за нив политиката по се изгледа е поатрактивна од нивната основна професија: првиот е заменик-премиер задолжен за Европски прашања а вториот е министер за Здравство.

Медицинскиот кадар во власта е трета најзастапена професија. Помеѓу министрите најмногу има правници и економисти, а медицинарите се трети.

Правници: Радмила Шеќеринска Јанкова, Оливер Спасовски, Рената Дескоска, Арбер Адеми, Горан Сугарески, Љупчо Николовски и Роберт Поповски.
Економисти: Зоран Заев, Драган Тевдовски, Зорица Апостолска, Бардул Даути.
Медицинари: Бујар Османи, Венко Филипче.

 

 

 

 

ИЛИ ВО ГЕРМАНИЈА, ИЛИ ВО ПОЛИТИКА

Република Северна Македонија се соочува со недостиг на лекари и медицински персонал заради иселувањето на истите во земјите на Европската Унија (ЕУ), особено во Германија. Според официјалните податоци, околу 120 лекари годишно ја напуштаат земјата и одат претежно во Германија заради далеку подобрите услови за работа и плати.

А со што ги привлекува политиката? Во време на дефицит на медицински кадар, лекарите  се најбројни помеѓу пратениците.

За донесувањето закони и останати важни прашања, исто така, одлучуваат медицинари, економисти и правници. Покрај нив, во пратеничките столчиња седат и дипломирани инженери, професори, педагози и менаџери. Помеѓу пратениците доминираат медицинарите, односно, 18 пратеници од вкупниот пратенички состав во Собранието, своето образование го завршиле на медицински факултет. Меѓу нив хирурзи, интернисти, акушери, педијатри и стоматолози.

Пет од нив се пратеници од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека 14 проценти од ова пратеничка група е сочинета од медицински кадар. СДСМ има четири пратеници-лекари, или 12 проценти. ДПА има само двајца пратеници, и двете со медицински дипломи. Двајца од тројцата пратеници на Алтернатива се лекари, додека ДОМ и ДУИ имаат по еден пратеник од ова професија.

 

 

ДОКТОРИТЕ КАКО „МАГНЕТ“ ГЛАСОВИ

Аналитичарот Петар Арсовски, вели дека образованието е карактеристика која е добра за маркетинг, а партиите сакаат да се пофалат дека „собрале“ луѓе од висок профил, магистри, доктори на науки.

„Докторите, и другите професии кои уживаат општ углед, се значајни за подигање на имиџот на партиската понуда. Тие бегаат од своите професии – дел затоа што се незадоволни и мислат дека во политиката подобро се живее (не само плата, туку привилегии и слично), дел поради престижот кој го носи ваквата професија.“ – додава Арсовски.

Дали односот на докторите со повеќето од гласачите е базиран на клиентелизам, експертите не сакаат да прејудицираат. Велат дека клиентелизмот како појава не се врзува исклучиво со докторите, туку и со бизнисмените, универзитетските професори и религиозните профили кои се активни во политиката. Нивниот авторитет е важен елемент во нивната професија, кој потоа можат да го искористат за да мобилизираат гласачи за нивните партии.

Инаку, дванаесет од вкупно 121 пратеник својата диплома ја здобиле во некои од соседните држави како и во Јапонија, Велика Британија, Турција, Холандија, Германија, Словенија и Хрватска.

 

ПРАТЕНИК МЕСТО НА ЗАВРШЕНО ОБРАЗОВАНИЕ
Зоран Ѓорѓиевски (ВМРО) Специјалист по општа хирургија, Медицински факултет, Универзитет Ниш, Србија
Меднух Тачи (ДПА) Факултет за стоматологија, Приштински универзитет, Косово
Јусуф Хасани (ДПТ) Медицински факултет, Универзитет „Докуз Ејлул“, Измир, Турција
Бетиан Китев (СДСМ) Докторанд од областа на политичките науки и политичка анализа на Факултетот за општествени науки – Љубљана, Словенија
Бранко Маноиловски (ДУИ) Инженер-агроном, Универзитет во Загреб, Хрватска
Сурија Рашиди (АЗА) Дипломиран машински инженер, Универзитет во Приштина, Косово
Борис Змејкоски (ВМРО) Факултет за безбедност, Загреб, Хрватска
Магдалена Манаскова (ВМРО) Специјалист за заштита на културно наследство, Рицумејкан универзитет – Кјото, Јапонија
Самка Ибраимовски (ПЦЕР) Дипломиран менаџер, Факултет за менаџмент – Нови Сад, Србија
Антонио Милошовски (ВМРО) Магистер по европски интеграции, Универзитет „Фридрих Вилхелм“, Бон, Германија
Весел Мемеди (АЗА) Магистратура на Универзитетот на Leeds во Велика Британија; докторат на Универзитетот на Амстердам, Холандија.
Рубин Земон (ПОЕН) Доктор по етнологија, Етнографски институт со музеј при БАН, Софија, Бугарија

 

 

АВТОРИТЕТОТ НА УНИВЕРЗИТЕТСКИТЕ ПРОФЕСОРИ

 

Стево Пендаровски,  кој победи на последните претседателски е дел од професорската фела. Пендаровски, иако одамна е во политиката, сепак беше и професор на Факултетот по политички науки на „Американ колеџ“ во Скопје, каде предаваше предмети од областа на меѓународна политика.

Неговиот претходник, Ѓорѓе Иванов пред својот десетгодишен претседателски мандат, беше професор по политичка теорија и политичка филозофија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Третиот по ред претседател, Бранко Црвенковски студирал на Електротехничкиот факултет во Скопје, на отсекот за информатичка технологија и автоматика. Додека пак, Борис Трајковски специјализирал деловно право и право на работни односи. Првиот претседател по осамостојувањето на Република Македонија од Југославија, Киро Глигоров своето високо образование го завршил на Правниот факултет во Белград, каде што студирал во периодот помеѓу 1936–1940 година.

Comments (0)

Напишете коментар