ДВАНАЕСЕТТЕ „НАЈПРИВИЛЕГИРАНИ“ ПРАТЕНИЦИ: ДРЖАВАТА ИМ ПЛАЌА И ЗА КИРИЈА, И ЗА ПАТНИ ТРОШОЦИ

 

  • Александар Кирацовски и Илија Димовски, најзвучни имиња меѓу дванаесте пратеници кои лани зеле пари за патни трошоци, а на државна сметка користеле и кирија за станови кои ги користеле во замена за тоа да не патуваат до родниот град
  • Двојни трошоци на сметка на државата прават 7 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, 4 на СДСМ и еден на ДУИ
  • За 2018-та, во просек, на секој пратеник му биле исплатени околу 6 илјади евра за патни трошоци
  • Додека народните избраници ја имаат привилегијата да наплатуваат трошоци и за кирија и за патни трошоци, граѓаните се возат во амбулантни возила стари во просек по 11 години.

 

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

 

Иако припаѓаат на спротивставени политички табори, пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски и тој на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, ги спојува една привилегија која им се дава на нив како народни избраници: двајцата користат и државен стан, и наплатуваат за патни трошоци.

Кирацовски до неодамна ја извршуваше и функцијата генерален секретар на СДСМ, но беше разрешен откако се најде на тапет во јавноста поради вработувањата на негови блиски роднини, за што постапки отвори Антикорупциската комисија. На Кирацовски државата во изминатава година му плаќала кирија од 390 евра, а тој во последните четири месеци од 2018 година додека престојувал во стан во Скопје, на име на патни трошоци добил нешто повеќе од 1000 евра.

На неговиот политички опонент, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, државата му плаќа нешто помалку за кирија, односно 370 евра, но и тој зел сума од дваесетина илјади денари на име на патни трошоци.

 

ПРАТЕНИЦИ КОИ КОРИСТАТ ДВОЈНИ ПРИВИЛЕГИИ

Освен Кирацовски и Димовски, двојни привилегии минатата година користеле уште 10 други пратеници во републичкото Собрание. Сите дванаесет, покрај тоа што земале пари за патни трошоци, на државна сметка користеле и кирија за станови кои ги користеле во замена за тоа да не патуваат до родниот град. Вкупно седум се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ и еден од ДУИ.

Меѓу кои пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ на листата со двојни трошоци се пратеничките од Битола – Лилјана Затуроска и Лилјана Кузмановска, прилепчанката Ане Лашкоска, штипјанката Благица Ласовска, кочанчанката Магдалена Манаскова и радовишанката Нада Ципушева.

На нив друштво им прават колешките од СДСМ – струмичанката Катерина Кузмановска, прилепчанката Кети Смилеска и кавадарчанката Мери Лазарова.

На државни јасли е и најстариот пратеник, Бранко Маноиловски од ДУИ, роден во село Кичиница.

Собранието лани донесе одлука според која пратениците можат да користат сопствен автомобил за службени цели за што ке им се плати помалку од порано, или пак да изнајмат стан во висина од најмногу 400 евра, со тоа што ќе можат да патуваат само за време на викенди и празници. Според податоците кои СКУП ги доби користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ваквото право на кирија во моментов го користат вкупно 14 пратеници.

 

ДВАЈЦА ПРАТЕНИЦИ КОРИСТАТ САМО КИРИЈА

На списокот кој го добивме од Собранието се уште двајца пратеници, велешанецот Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ и стружанецот Рубин Земон од Партијата за општествен и економски напредок, кои користат само кирија, но не и патни трошоци.

 

 

ТАСЕВА: АКО КОРИСТИ СТАН, НЕ МОЖЕ И ПАТНИ ТРОШОЦИ

„На пратениците, освен надоместок за закупнина на стан, им се признава само право на реални трошоци за комунални услуги за користење на стан, најмногу до 100 евра“, велат од Собранието.

 

Претседателката на „Транспаренси интернешнл“, Слаѓана Тасева смета дека патните трошоци се неспојливи со средствата за кирија.

„Доколку лицето користи стан што му го плаќа државата, не може да користи и патни трошоци. Или едното или другото. Ако сака стан што му го плаќа државата, тогаш кога патува до дома, сам ќе си плати, а ако сака патни трошоци, тогаш ќе си седи дома и ќе си патува до работа“, ни изјави Тасева.

 

ЕДНИ СО ДУПЛИ ТРОШОЦИ, А ЗА БОЛНИТЕ СО ВОЗИЛА СТАРИ 11 ГОДИНИ

Додека народните избраници ја имаат привилегијата да наплатуваат трошоци и за кирија и за патни трошоци, граѓаните се возат во амбулантни возила стари во просек по 11 години. Ова го покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации кои во јули годинава ја објавија базата на податоци за сите амбулантни возила во земјава. Според податоците, државава има вкупно 183 амбулантни возила, од кои повеќе од половината се добиени како донација.

 

 

Миша Поповиќ од Институтот за демократија вели дека сите пратеници не го злоупотребуваат ова право, односно дека постојат случаи кои што треба да добијат име и презиме пред да може да се зборува за нив како такви.

„Сметам дека треба да се гледа индивидуално за секој случај, а не како општа пракса“ – додава Поповиќ.

ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА ПАТНИ ТРОШОЦИ ЗА 2018

 

Според податоците до кои дојде СКУП, 76 пратеници потрошиле 496 илјади евра за патни трошоци изминатата година. Што значи дека во просек, за 2018-та, на секој пратеник му биле исплатени околу 6 илјади евра. Најмногу од нив потрошил пратеникот кој патува од Струга, Алија Камберовски, вкупно 18.156 евра, а најмалку пратеникот Крсто Мукоски, само 96 евра.

Извор: Податоци за 2018 година добиени од Собрание на СРМ

Пратениците најмногу наплати имале во јуни, додека, пак, најмалку во септември.

Извор: Податоци за 2018 година добиени од Собрание на СРМ

СКУП и претходно претходно пишуваше за патните трошоци на пратениците односно дека тие се лидери во регионот по наплата за овој вид трошоци.

На листата со пратеници на кои им се исплаќаат патни трошоци секоја година се споменуваат истите имиња. Па така, според истражувањето на Макфакс, Алија Камбероски е рекордер според исплатени патни трошоци во Собранието за 2017 година. Тој од март до ноември 2017-та година за само девет месеци од Собранието добил 12.847 евра за патни трошоци. Додека пак, од декември 2017-та до мај 2018-та година, направил патни трошоци од 10.355 евра.
Изминатата година втора по наплатената сума за патни трошоци е Мира Стојчевска од Делчево. Нејзиното име не се споменува прв пат кога се работи за патни трошоци. Имено, Стојчевска во 2017 година потрошила 11.736 евра. Додека пак, само во периодот од декември 2017-та до мај потрошила 10.396 евра.

Патни трошоци за март – ноември 2017 година

Алија Камбероски – 12.847 евра

Лилјана Затуроска – 11.435 евра

Мира Стојчевска – 11.736 евра

Александар Кирацовски – 11.065 евра

Сашо Василевски – 9.850 евра

Крсто Мукоски – 9.563 евра

Катерина Кузмановска – 9.326 евра

 

Во јули 2018 година, Законот ги помина собраниските процедури, а со тоа ја претрпе и промената според која пратениците наместо 30 отсто во иднина ќе земаат 20 проценти од изминат километар од продажната цена на еден литар гориво. Но, и по промената на законот, пратениците повторно ги наплатуваат истите суми за патување од дома до работа и обратно.

 

Алатката за отчетност „заглави“ на 2018 година

Половина година измина, а на веб страната на Владата која објави Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции нема ниту еден податок за трошоците на функционерите за 2019 година. Сите податоци се за претходните години и тоа 2014, 2015, 2017 и 2018 година. Со самото отворање на страната прво што може да се види е дека поранешниот премиер, Никола Груевски имал најмногу трошоци како функционер, а актуелниот премиер е на четврто место. Стари се и податоците во делот „Закуп на стан (за лица кои живеат надвор од Скопје)“, каде на прво место по трошоци стои поранешниот министер без ресор, Џери Наумоф.

 

Comments (0)

Напишете коментар