Лидерите на ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА носители на листа во шестата изборна единица
Пишува: Ангела Рачјевска и Бјанка Станковиќ
Изборна единица која ги опфаќа општините од северозападна Македонија е под број шест и неа овие предвремени избори од ДУИ и Алијансата за Албанците ќе ја предводат нивните лидери, односно Али Ахмети и Зијадин Села.
Изборната единица 6 опфаќа територија на 11 општини: Тетово, Гостивар, Теарце, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Желино, Јегуновце и Кичево (дел).
АХМЕТИ ПРИЈАВИЛ ИМОТ ВРЕДЕН 134, А СЕЛА – 192 ИЛЈАДИ ЕВРА
Претседателот на партијата ДУИ, Али Ахмети, ќе биде носител во шестата изборна единица.
При стапување на функцијата пратеник, Ахмети во Државната комисија за спречување на корупција, има пријавено земјоделско земјиште вредно 30.000 американски долари, куќа во Кичево вредна 100.000 америкаски долари и трансакциска сметка од 12.333 евра. Неговата сопруга има автомобил Фолксваген Поло вреден 7.000 евра. Вредноста на пријавениот имот на Али Ахмети изнесува 134.076 евра и истата, според податоците од ДКСК, не е променета до денес.
Од Коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, носител на листа ќе биде, лидерот на АЗА, Зиадин Села. На локалните избори во 2013 година Села ја добива градоначалничката функција на градот Струга. На парламентарните избори 2016 година коалицијата предводена од него, Алијанса за Албанците, учествувала на изборите на кои Села бил избран за пратеник во македонското Собрание.
Пратеникот Зиадин Села, со стапувањето на функцијата пратеник во ДКСК има пријавено имот вреден 192.367 евра. Целиот имотен лист е на лично име и се состои од: земјиште и куќа во с.Ливада во Струга вредни 112.835 евра. Тој исто така во Струга има и шума вредна 59.805 евра. Села поседува моторно возило Јагуар С-тајп 2 7Д вредно 59.805 евра. Тој има трансакциска сметка од 53 евра и кредит од 9.919 евра. Според податоците од ДКСК, вредноста на пријавениот имот на Зиадин Села не е променета до денес.
КАСАМИ И НИКОЛОВСКА – НОСИТЕЛИ НА ЛИСТАТА НА СДСМ
Биљал Касами од Тетово е македонски политичар и претседател на партијата Движење Беса. Во периодот 2004–2006 година бил државен секретар во Министерството за економија како член на ДУИ. Касами ја напуштил ДУИ во 2008 и се зачленил во Нова Демократија, која згаснала во 2011 по неуспехот на парламетарните избори одржани истата година. Истовремено бил професор на Меѓународниот Балкански универзитет (2009–2011), а во политиката се вратил во 2014 со основање на партијата Беса.
Имотната листа на Касами не е достапна на веб-страната на Државната комисија за спречување на корупција.
Неговата придружничка, директорка на Државниот управен инспекторат, Фаница Николовска, исто така од Тетово, својата професионална кариера започнува да ја гради како службеник во Генералниот секретаријат на Влада од 2006 до 2011 година. До 2012 година работи во Министерството за информатично општество и администрација, а до моментот на именување директор работи во Државниот управен инспекторат.
Николоска во моментов поседува имот вреден 290 илјади евра. На нејзино име во имотната листа пријавена во Државната комисија за спречување на коурпција се наведени само благородни метали вредни околу 2.400 евра. Останатиот имот се води како имот на родители, брачен другар и деца. Тие имаат повеќе земјоделски земјишта во Врапчиште, стан во Скопје, две моторни возила Опел Астра и повеќе девизни штедни книшки како и кредит.
СТОЈАНОВСКА СО ИМОТ ОД 14 ИЛЈАДИ ЕВРА И ПРИВАТНА ОРДИНАЦИЈА
Дафина Стојаноска е пратеник во Собранието на Република Северна Македонија од 2014 година. Во 2015 година е избрана за член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ функција која ја извршува до 2017 година, повторно е избрана за член на ИК во 2018 година.
Вредноста на нејзиниот пријавен имот во ДКСК изнесува 50.119 евра. Taa поседува стан во Гостивар вреден 34.715 евра, автомобил Рено Клио вреден 13.886 евра. Нејзините деца имаат две денарски штедни книшки секоја по 758 евра. Стојаноска поседува и акции.
Според истражувањето на СКУП ПРАТЕНИЦИ-БИЗНИСМЕНИ НЕ ГИ ПРИЈАВИЛЕ ФИРМИТЕ ВО ДКСК пратеничката Дафина Стојаноска во Централниот Регистар на Република Северна Македонија е заведена како основач и сопственик на Приватна здравствена установа-ординација по општа стоматологија – ХИПОКРАТ Гостивар.