- Бектеши, Меџити, Бесими, Шаќири и Шукова се најбогатите министри и заедно тежат околу 5.370.000 евра.
- Тренчевска, Лога, Спасовски, Маричиќ и Костадиновска Стојчевска се најсиромашните министри, при што заедно поседуваат само 486 илјади евра.
- Министерот Спасовски и министерката Костадиновска Стојчевска ја немаат наведено вредноста за поголемиот дел од нивните имоти
- Истражувањето на СКУП во рамките на проектот „How wealthy they are“ покажува дека функционерите во Македонија располагаат со шаренолики имотни состојби.
Пишува: Кристијан Трајчов
Колку „тежи“ Владата предводена од СДСМ и ДУИ? Кои пет министри се најбогати а кои најсиромашни? Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, во рамките на проектот ПЕП, ги анализираше податоците од имотните листи на членовите на Владата каде се утврди дека вредноста на Владата изнесува вртоглави 8,991,506 евра.
За споредба, Владата која беше на чело со Зоран Заев вредеше 12,976,942 евра.
Што се однесува пак до богатството на Зоран Заев како претходен Претседател на Владата и сегашниот Претседател на Владата Димитар Ковачевски, Заев во 2020 година пријавил дека поседува имот во вкупна вредност од 676.319 евра, што го прави побогат од Ковачевски за околу 30 илјади евра кој пријавил дека поседува имот во вредност од 645.945 евра.
Инаку, годинава беше пренесено дека фирмата на сопругата на премиерот е на чекор до изградба на фотоволтаична централа. Поточно, Владата ја задолжила општината Радовиш да и продаде на фирмата во која една од сопственичките е сопругата на премиерот, државна парцела за изградба на фотоволтаична централа.
Во однос на тоа кои се најбогати министри, Крешник Бектеши е најбогатиот со вкупна вредност од 1.893.373 евра. Не толку далеку од него е и министерот за здравство Фатмир Меџити кои поседува имот кој е вреден 1.850.115 евра. Следниот најбогат е министерот за финансии Фатмир Бесими со вкупна вредност од 777.472 евра. Понатаму, Јетон Шаќири кој е министер за образование и наука е четвртиот најбогат министер при што тој поседува 427.778 евра. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова ја затвара листата на топ пет најбогати министри од оваа Влада со вкупна вредност од 421.121 евра.
Дел од министрите пак, навидум сиромашни
Кога станува збор пак за најсиромашните министри, убедливо најсиромашна е министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска со 40.165 евра. Следен на листата е министерот за правда Кренар Лога со 72.195 евра.
Потоа следува министерот Оливер Спасовски со 72.965 евра. Но, што е проблематично овде? Имено, министерот Спасовски нема дадено вредност за повеќе од половина од својот имот, нешто што ќе може да се види во прилог. Тој не би се наоѓал во оваа листа на пет најсиромашни министри ако јасно и транспарентно би ја приложил вредноста на неговиот имот.
Од кабинетот на министерот Спасовски рекоа дека податоците за неговата имотна состојба се доставени до Државната комисија за спречување на корупција при секој негов избор или именување заедно со години на стекнување, вредност во денари и основа на стекнување и таму ги има сите информации.
Бојан Маричиќ кој е Заменик на Претседателот на Владата за европски прашања е четвртиот најсиромашен министер со 146.502 евра.
Листата ја затвара министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска при што нејзиниот вреди 155.053 евра. Интересно е што и во нејзината ситуација, за повеќето од имотот нема наведено вредност, туку само дека за тој имот каде не е наведена вредност, основот на стекнување е со договор за подарок.
Сеуште нема некакви конкретни казни за било какви неправилности околу имотната состојба на функционерите или пак за непријавување имот.
Поврзано со тоа зошто најчесто ова се случува, Ариф Муса, поранешен член на Државната комисија за спречување на корупција вели дека најчесто ова се случува поради тоа што сакаат да прикријат вредност на имот или на кој начин го стекнале тој имот.
„ДКСК треба од нив да бара по секоја цена јасно и транспарентно овие работи да ги доставуваат, или да ги казнува за начинот на доставување на анкетен лист. За вакво нешто ДКСК мора да ги казнува функционерите. Ако несоодветно е пополнет одреден анкетен лист, Комисијата треба да побара најпрво соодветно да се пополни имотниот лист, ако тоа не се случи, тогаш мора да има прекршочна санкција и објавување на тоа лице јавно за да биде познат на јавноста. Функционерите се на тие позиции заради народот, одговорност мора да има“, објаснува Муса.
Од ДКСК пак за СКУП велат дека пријавувањето на имотната состојба и интересите е законски утврдена обврска за избраните/именуваните лица и истото се врши со пополнување на изјава за имотна состојба и интереси.
„Тоа пријавување содржи детален попис на недвижен имот, подвижни предмети со вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период, хартии од вредност, побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот. Исто така, треба да има и изјави за интереси за него и за членовите на неговото семејство, која содржи информација за работни места и членство во управни одбори, членство во здруженија и фондации и други податоци кои се потребни согласно со пропишаниот образец“, рекоа од Комисијата.
Од таму додаваат дека согласно член 92 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Државната комисија врши проверка на вистинитоста на податоците внесени во изјавата за имотната состојба и интересите во случај кога постапува по конкретен предмет или врз основа на годишен план и дека проверката се врши со собирање, споредување и анализа на податоците добиени од правни и физички лица кои располагаат со потребните податоци.
„Непријавувањето на имотот, односно пријавувањето на имотот кое не е во согласност со законските одредби, претставува основ за прекршочна одговорност, но само по себе не претставува злоупотреба. Доколку во постапката за испитување на имотот и имотната состојба не се докаже дека имотот е стекнат или зголемен како резултат на примања што се пријавени и оданочени, Државната комисија против лицето за кое ја водело таа постапка поднесува иницијатива за покренување кривична постапка до надлежното јавно обвинителство“, објаснуваат од ДКСК.
Во периодот од 2019 – 2023 година, се изречени вкупно 27 прекршочни глоби за министри/заменици министри во Владата на РСМ кои при именување или при престанок на функцијата не поднеле анкетен лист за имотната состојба.
„Согласно член 109 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, избрано/именувано лице, односно министер во конкретниот случај, одговара прекршочно ако најдоцна во рок од 30 дена по изборот, именувањето, односно по престанувањето на функцијата, не поднесе до Државната комисија анкетен лист/изјава за имотна состојба и интереси. Исто така, избрано/именувано лице одговара и ако во рок од 30 дена не го пријави секое зголемување на неговиот имот, односно имотот на член на неговото семејство, согласно член 85 од Законот. Во таа насока, Државната комисија поведува прекршочна постапка за избраните/именуваните лица кои не ја исполниле законската обврска за пријавување на имотната состојба“, додадоа тие.
Министри од претходниот состав кои се тука и во оваа Влада
Осум министри биле дел од претходниот состав кој беше предводен од Зоран Заев, а кои се дел и од сегашната Влада. Тоа се: Артан Груби, Благој Бочварски, Бујар Османи, Јетон Шаќири, Крешник Бектеши, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски и Фатмир Бесими.
Артан Груби е за 84.325 евра финансиски послаб, Бочварски за 6 илјади евра послаб. Исто така и кај Бујар Османи има опаѓање од 8.788 евра. Кај министерот Јетон Шаќири пак, имотот е непроменет. И кај Бектеши има намалување на имотот за 126.456 евра.
Интересна е ситуацијата со министерот Љупчо Николовски кој се збогатил за дури 109.147 евра.
Министерот Оливер Спасовски е финансиски послаб за 261.139 евра, но кај него за поголемиот дел од имотот како што се земјишта и куќи не е наведена вредноста на имотот, што укажува на тоа дека разликата би била многу помала, можеби дури и би бил побогат во споредба со претходно.
И министерот Фатмир Бесими е посиромашен за разлика од 2020 година и тоа за 72.559 евра.
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.