ДРЖАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ: И НА ПРАТЕНИЧКО И НА СУДСКО СТОЛЧЕ

ДРЖАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ: И НА ПРАТЕНИЧКО И НА СУДСКО СТОЛЧЕ
  • Независните пратеници Крсто Мукоски и Сашо Василевски, како и Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
  • ДКСК отвори четири предмети за премиерот Зоран Заев, министрите Дамјан Манчевски и Кочо Анѓушев, како и за лидерот на опозицијата Христијан Мицковски
  • Поранешниот министер за здравство, Бујар Османи, актуелен вицепремиер за европски прашања и главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската Унија, е вклучен во истрагата под кодно име „Пациент“.

 

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

 

Од обвиненија за тероризам, корупција, злоупотреба на функцијата и јавните пари за лична корист, па се до изборни нерегуларности. Низ ваквите судски процеси се влечкаат десет државни функционери, кои сѐуште се активни во политичката сцена.

Четири други функционери се под лупата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКС) заради основано сомневање дека ги прекршиле законите за да прибавуваат лична корист. Ќе се истражува премиерот Зоран Заев за случаите „Глобал“, „Едно евро корупција“, „Бугарските фирми на Заев“ и за продажбата на земјиштето на касарната во Струмица, министерот Дамјан Манчевски за случајот „Грчки фирми“, заменик-премиерот Кочо Анѓушев за продажбата на државно земјиште, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски за бизнисот со хидроцентрали.

 

„ТИТАНИК“, „ТЕРОРИЗАМ“, „НАСИЛСТВО“ И „ПАЦИЕНТ“

 

По две години од „Крвавиот четврток“, се` уште нема разрешница за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 година. Независните пратеници Крсто Мукоски и Сашо Василевски, како и Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во последниве три години, на судско столче седна и Елизабета Канческа-Милевска. Таа е првообвинета во случајот „Тендери“ кој што го отвори Специјалното Јавно Обвинителство. Обвинението на Канческа-Милевска е за злоупотреби со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“.

Даниела Рангелова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се најде во вниманието на јавноста откако се обелодени судскиот случај „Насилство во Општина Центар“. Во истиот случај е осомничен и екс-премиерот, Никола Груевски. За оваа судска постапка е поднесен обвинителен предлог против 14 лица за кривичното дело „Насилство“ од член 386 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Пратеникот Никола Груевски е осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ во кој што тој влијаел Министерството за внатрешни работи да купи блиндиран луксузен мерцедес од 600 илјади евра по негова лична желба. Во „Тенк“ Груевски е обвинет за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 2 од КЗ.  Тој, исто така, е вмешан и во 4 други предмети на СЈО. „Титаник“ за изборните нерегуларности, „ТНТ“ за уривањето на Космос, „Траекторија“ и „Шамарите во Центар“. Груевски веќе шест месеци нема седнато на своето пратеничко столче, откако избега во Будимпешта по изрекувањето на казната за случајот „Тенк“.

Лидерот на ДУИ, Мендух Тачи, беше обвинет во случајот „Титаник 2“, за изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година. Тој доби казна од три години и два месеца. Пресудата за случајот „Титаник 2“ на Специјалното јавно обвинителство, судот ја објави на 8 март 2019 година.

Поранешниот министер за здравство, Бујар Османи, актуелен вицепремиер за европски прашања и главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската Унија, е вклучен во истрагата под кодно име „Пациент“. Според СЈО постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапки по јавни набавки за извршување на градежни и градежно-занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи низ државата. Османи во октомври изминатата година тврдеше дека нема злоупотреба при спроведување на постапките во Министерството за здравство во текот на неговиот мандат. Премиерот пак, тогаш изјави дека нема да го разреши Османи од функцијата се додека нема правосилна одлука за случајот.

 

ВИСОКИ ФУНКЦИОНЕРИ ПОД ЛУПАТА НА ДКСК

 

Неодамна, Државната антикорупциска комисија отвори четири предмети за премиерот Зоран Заев. По пријавите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, антикорупционерите ќе истражуваат за корупција во случаите „Глобал“, „Едно евро корупција“, „Бугарските фирми на Заев“ и за продажбата на земјиштето на касарната во Струмица. Наводно, овие дела биле сторени додека сегашниот премиер бил градоначалник на Струмица.

Овие случаи и се веќе познати на јавноста. Во 2008 година, Зоран Заев беше аболициран од тогашниот претседател на државата и негов сопартиец, Бранко Црвенковски. Заев беше ослободен и од обвинението за изградба на трговскиот центар Глобал во Струмица, односно Врховниот и управниот суд одлучија дека нема криминал.

Заев беше обвинет и во случајот „Поткуп“ каде се тврдеше дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од над 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов Сачавалиев за продажба на државно градежно земјиште. Но, во мај 2018 година Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда за премиерот.

ДКСК отвори предмет и за грчките фирми на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и начинот на кој тој ги стекнал истите. Меѓутоа, за истиот предмет, претседателката Билјана Јовановска, изјави дека добиле демант со приложени документи од Манчевски.

Од Антикорупциска, изјавија дека ќе истражуваат и за продажбата на државно земјиште за хидроцентрали на фирма на братот на вицепремиерот, Кочо Анѓушев како и за бизнисот со хидроцентрали на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, во времето кога тојбил советник на поранешниот премиер, Никола Груевски.

Во меѓувреме, додека случаите се низ лавиринтите на судовите и се чекаат одлуките, функционерите се уште седат на државните столчиња. Етиката сѐуште останува непознат поим за политиката во земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php