Партискиот лидер на СДСМ, Заев пријавил имот од 729.231 илјади евра, но на негово име има само побарувањето по основ на даден заем од близу 70 илјади евра, Веднаш зад него е лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, со имот кој изнесува околу 553 илјади евра. Зијадин Села (Коалиција АЗА и Алтернатива) има имот од 192 илјади евра и Али Ахмети (ДУИ) од 134 илјади евра, а двајцата во трка влегуваат како носители на изборни листи во изборната единица под број шест
Автор: Екипа на СКУП
Скромен, со насмевка на лицето и често со рака на градите кога зборува како гест на искреност. Вака јавноста го запозна струмичанецот Зоран Заев, кој уште пред да седне на претседателската фотелја во СДСМ важеше за богат човек во јавноста, човек кому политиката би требало да му претставува хоби. Но, кога новинарите се обидоа да ѕирнат во неговото банкарско салдо, се зачудија зошто иако моќен и со глас на богат човек, сепак, Заев немаше ништо од имот на свое име. За чудо или не, така е и до ден-денес.
Иако на негово име фигурира само побарувањето по основ на даден заем од близу 70 илјади евра, кога ќе се собере и одземе се она што Заев пријавил во анкетниот лист, неговото богатство се сведува на имот вреден околу 730 илјади евра. Веднаш зад него е лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, со имот кој изнесува околу 553 илјади евра. Зијадин Села (Коалиција АЗА и Алтернатива) настапува со имот од 192 илјади евра и Али Ахмети (ДУИ) со 134 илјади евра, двајцата во трка влегуваат како носители на изборни листи во изборната единица под број шест.
СКУП одблизу ги анализираше имотите на партиските лидери во пресрет на најавените парламентарни избори, во рамките на проектот ПЕП (Политички експонирани личности).
ЗАЕВ И МИЦКОВСКИ СО ЗАЕМИ, ОПОЗИЦИСКИОТ ЛИДЕР ПОСИРОМАВ ЗА 200 ИЛЈАДИ ЕВРА
СКУП претходно истражуваше и пишуваше за Заев, во рамките на проектот Политички експонирани личности. Петти на листата најбогати членови на владата е токму тој. Според анализата на податоците од имотниот лист на Заев од 2018-та година, неговиот пријавен имот има вредност од 729.231 илјади евра. На негово име фигурира само побарувањето по основ на даден заем од близу 70 илјади евра. Орочениот девизен депозит од 7 илјади евра е на неговата сопруга додека 27 илјади евра се пријавени дека се на сметките на неговите деца. Куќата, деловниот простор, станот во Струмица, земјоделското земјиште во Муртино и акциите вредни околу 200 илјади евра припаѓаат на неговите родители.
Денес, Заев поседува имот вреден 728.193 евра. Истиот тој го дополнил со стан со помошни простории во Струмица на име на неговата сопруга, заем од 7 илјади евра, исто така, на нејзино име и моторно возило „Мини Купе С“ на име на неговите деца. Во актуелната имотна листа на Заев е намален орочениот депозит на име на неговата сопруга од 7 илјади на 200 евра.
Со 175 илјади евра помалку од екс-премиерот, е лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој поседува имот вреден околу 553 илјади евра. Тој на оваа функција стапува на шеснаесеттиот вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на местото на Никола Груевски. Претходно, во 2016 година е директор на АД „Електрани на Македонија“, а во периодот 2015–2017 бил советник за енергетика на премиерите Никола Груевски и Емил Димитриев.
СКУП од Државната комисија за спречување на корупција, ги доби податоците за имотот на Мицкоски во времето кога бил директор на АД ЕЛЕМ. Во оваа имотна листа, тогашниот директор пријавил дека поседува станбена куќа со двор во Скопје вредна 350.000 евра. Во имотниот лист евидентирани се: заем од 75 илјади евра, како и депозит со, исто така, 75 илјади евра, кредит од 9 илјади евра, парични средства од 30.000 евра и автомобил „Цитроен ц5“ од 13 илјади евра.
Минатата година, ДКСК отвори случај против Мицкоски за постапките за добивање концесии за изградба на мали хидроцентрали. Но, истиот беше затворен бидејќи како што образложија од ДКСК, Мицкоски не бил во состојба да ја користи функцијата советник во Владата и член на Надзорен одбор како би стекнал некои права или користи.
ЛИДЕРИТЕ НА ПАРТИИТЕ НА АЛБАНЦИТЕ СО НАМАЛЕНО КОНТО
Изборна единица која ги опфаќа општините од северозападна Македонија е под број шест и неа, овие предвремени избори од ДУИ и Алијанса за Албанците (АЗА) ќе ја предводат нивните лидери, односно Али Ахмети и Зијадин Села.
Изборната единица 6 опфаќа територија на 11 општини: Тетово, Гостивар, Теарце, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Желино, Јегуновце и Кичево (дел).
Претседателот на партијата ДУИ, Али Ахмети, ќе биде носител во шестата изборна единица.
Во 2008 година, по престанувањето на функцијата пратеник, Ахмети поседува имот вреден околу 426 илјади евра. Тогашната имотна листа се состои од земјиште и куќа во Зајас, стан во Скопје, земјиште во Драч, Албанија, автомобил „Опел Астра“ и тековна сметка од 2 илјади евра. Со истата имотна листа тој повторно стапува на функцијата пратеник на изборите во 2011 година. Во 2013 година, со престанувањето на функцијата пратеник, останува без земјиштето во Зајас, ја сменува колата „Опел Астра“ во „Фолксваген Поло“ и забележано е зголемување на неговата трансакциска сметка, со што целокупниот имот се сведува на 280 илјади евра. Три години подоцна, последната пријавена имотна на Ахмети како пратеник во ДКСК е во износ од 134.076 евра. На актуелната имотна листа се уште стојат земјоделското земјиште вредно 30.000 американски долари и куќата во Кичево вредна 100.000 американски долари како и трансакциска сметка која изнесува 12.333 евра и автомобилот „Фолксваген Поло“ вреден 7.000 евра. Изостанува само станот во Скопје, кој уште во 2014 година е отстранет на основ договор за дар.
Од Коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, носител на листа ќе биде, лидерот на АЗА, Зијадин Села. На локалните избори во 2013 година, Села ја добива градоначалничката функција на градот Струга. На парламентарните избори 2016 година коалицијата предводена од него, Алијанса за Албанците, учествувала на изборите на кои Села бил избран за пратеник во македонското Собрание.
Прва државна функција на Зијадин Села е директор на Државен здравствен и санитарен инспекторат. Тогаш, неговиот скромен имот изнесува близу 19 илјади евра, а се состои од земјиште, шума, две куќи, три автомобили, „Ауди“, „Цитроен“, „Југо“ и два кредити.
При стапувањето на функцијата градоначалник на општина Струга, во 2013 година, неговиот имот изнесува 365 илјади евра, а се состои од куќа, земјиште и шума вредни 360 илјади евра, три автомобили, „Ауди“, „БМВ“ и „Цитроен“, за кои не е наведена вредноста и трансакциска сметка во износ од 6 илјади евра.
Следната имотна промена на Села настанува со стапувањето на функцијата пратеник, кога во ДКСК пријавува имот вреден 192.367 евра. Се што поседува е на лично име и се состои од: земјиште и куќа во с.Ливада во Струга вредни 112.835 евра. Тој исто така, во Струга располага со шума вредна 59.805 евра, а поседува и моторно возило „Јагуар С-тајп 2 7Д“ вредно 59.805 евра и кредит од 9.919 евра.