Како се менуваа имотите на градоначалниците: Исмаил Јахоски

Исмаил Јахоски, човекот кој две децении управува со општина Пласница. Кога ќе го слушнете неговото името веднаш го поврзувате со фирмата Пуцко Петро. А кога ќе го сретнете името на фирмата, знаете дека станува збор за фирма која низ текот на годините добиваше рекорден број тендери. Државните пари добиени во корист на Пуцко Петрол, не се штедеа ниту за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ. За централните и локалните институции, Пуцко Петрол секогаш ги исполнува условите предвидени во тендерите.

За само првите два месеци од 2020 година, Пуцко Петрол добил 10 тендери со вкупна вредност од 1.247.474 евра. Најскапиот тендер е 326,179 евра за склучен договор со ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Истражувачките новинари уште во минатото известуваа за нафтениот бизнис на Јахоски, како и за неговиот петти реизбор. Во 2018-та година, во интервју за Истражувачката репортерска лабораторија, Јахоски изјави дека народот го „натерал“ тој повторно да биде градончаланик, а не дека самиот го сака тоа.

СКУП дојде до документите за имотната состојба на Јахоски низ текот на годините. При стапувањето на функцијата градоначалник во 2012-та година, неговиот имот е проценет на 426.710 евра. Карактеристично е тоа што за 19 ставки во имотниот лист не е наведена вредноста. Пред осум години, имотот на Јахоски се состоел од две куќи, четири станови, земјиште, две пасишта, два двора, две ниви, три деловни простории и гаража и за ниту едно од горенаведените не е позната вредноста. Во 2012 година, Јахоски пријавил дека има 31% удели во Пуцко Петрол, а останатите 68% од уделот од фирмата бил препишан на неговите деца.

Во 2013-та година, вредноста на имотот се намалува и сега изнесува 259.714 евра. На листата има 16 ставки, а од истата се отстранети ставките на неговите деца, а ги нема и уделите во „Пуцко Петрол“. Но, во 2017-та имотниот лист што Јахоски го приложува во ДКСК се разликува од оној претходно. Вредноста опаѓа на дури 47.906 евра, но само поради тоа што имотот сега брои 14 ставки, од кои за 4 нема наведено вредност.

Денес, анкетниот лист на Исмаил Јахоски е исполнет со обемен имот на свое име, за дел од него повторно не дал податок за сопственост. Тој поседува повеќе земјишта, куќи и станови. Има неколку побарувања по основ на даден заем, закупнина, повеќе денарски штедни книшки и девизни сметки, како и трансакциони сметки. За деловните простории, помошните простории, станови како и за стамбено деловен објект, Јахоски не навел сопственост. Во 2020 година, тој поседува имот проценет на 763.500 евра.

Comments (0)

Напишете коментар