ОПШТИНИТЕ ПОТРОШИЛЕ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА, СТРУМИЦА РЕКОРДЕР

  • Истражувањето на СКУП во рамките на проектот ПЕП покажува дека 64 општини три години потрошиле 2.2 милиони евра.
  • Општина Струмица рекордер во трошењата за репрезентација во споредба со останатите општини, следена од Струга, Прилеп, Битола и Ѓорче Петров. 
  • За 2018 година, највисок тендер за репрезентација има склучено општина Ѓорче Петров.

 

Пишуваат: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

 

И покрај јавните заложби за домаќинско и рационално раководење со буџетот, во реалност повеќето од општините продолжуваат да не штедат кога се во прашање народните пари. Истражувањето на СКУП во рамките на проектот ПЕП покажува дека 64 општини од Република С.Македонија, само за репрезентација во последните три години, вкупно потрошиле 2.220.634 евра. Во просек, во овој временски период секоја општина потрошила по околу 34 илјади евра, или над 11 илјади евра годишно.

Општина Струмица рекордер во трошењата за репрезентација во споредба со останатите општини. Во последните три години оваа единица на локалната самоуправа, само за гозби останати активности за застапување на институцијата, по угостителски објекти и фирми направила сметка во износ од 230.073 евра. Втора на листата е Струга со 169.648 евра, следена од Прилеп со 161.866 евра, Битола 153.392 евра и Ѓорче Петров 101.535 евра. Додека пак, најмалку потрошила општина Пласница, 1.155 евра, а до 3.000 евра потрошиле Зрновци, Ранковце, Кратово и Студеничани.

 

 

 

 

ОПШТИНИТЕ „РЕДОВНИ МУШТЕРИИ“ ВО ОДРЕДЕНИ РЕСТОРАНИ И ФИРМИ

Договор за репрезентација со највисока вредност за 2019 година е договорот на Општина Карбинци. Карбинци потпишале договор за угостителски услуги со Друштво за промет со нафта и нафтени деривати ВАГО ПЕТРОЛ ДОО с.Крупиште Карбинци, вреден 9.756 евра. Според податоците од Бирото за јавни набавки на time.mk, општина Карбинци соработува со ова друштво и во 2018 година кога за угостителски услуги и репрезентација во издвојува 2018 идвојува 8.130 евра и во 2016 година 4.878 евра.

Според одговорите добиени од општина Карбинци, за 2019 година за репрезентација има потрошено 7.705 евра.

За 2018 година, највисок тендер за репрезентација има склучено општина Ѓорче Петров. Се работи за договор вреден 15.350 евра кој се однесува за печатење на роковници, календари, папки и пенкала што општината го склучила со Друштво за вработување на инвалидни лица, производство, трговија и услуги МАКСТЕН ГРАФИКА ДООЕЛ увоз-извоз Скопје. Инаку, општината со оваа фирма, истата година, склучила договор вреден 43.881 евра за печатење на весници, службени гласници, монографии, плакати и друг вид на рекламен материјал. Додека, во 2019 година за истиот договор се потрошени 2.878 евра.

 

ПОВЕЌЕ ИНСТИТУЦИИ „КЛИЕНТИ“ НА ИСТА ФИРМА

Според документи добиени од општина Ѓорче Петров, за 2018 година за репрезентација има потрошено 26.586 евра.

Во 2017 година највисок договор за угостителски услуги (репрезентација) потпишува Општина Радовиш, и тоа со Друштво за трговија, увоз-извоз БЕСТФУД ТИ ДОО Радовиш. Овој договор изнесува 9.154 евра. За истата намена и скоро истите средства оваа општина соработува со истата фирма и во 2016, 2014 и 2013 година. БЕСТФУД склучува договори вредни до 100.000 евра и со министерства од Владата на Република Северна Македонија, помеѓу кои Министерство за внатрешни работи и Министерство за одбрана.

Според документи добиени од општина Радовиш, за 2017 година за репрезентација има потрошено 5.045 евра.

Според правилниците во општините, под поимот „репрезентација“ се подразбираат средства кои се користат за одржување и одбележување на настани, годишници, празници, семинари, работилници, како и настани и активности од интерес на работењето на општините. Средствата најчесто се однесуваат на освежителни и алкохолни пијалаци, храна, карти за спортски и културни настани, подароци за посебни прилики како сувенири, марами, вратоврски, нотеси, канцелариски прибор (пенкала), календари и друг репрезентативен материјал. Во репрезентација вклучени се и организирани посети, работни состаноци со внатрешни соработници и надворешни претставници на делегации, државни институции итн.

СКУП и претходно пишуваше за трошоците за репрезентација во општините. Истражувањата и увидот во тогашните фактури покажаа дека во С. Македонија се трошат милионски суми за репрезентација.

 

На овој текст се јави со доплнување општина Струмица. Нивната реакција Ви ја пренесуваме во целост:

 

Почитувани,

Во врска со Истражувањето на СКУП, за трошоците на Општина Струмица за репрезентација, чуствуваме обврска и потреба да ги дополниме објавените информации со цел целосно и правилно информирање на јавноста.

Имено, oбјавената информација за висината на потрошени средства за репрезентација е резултат на синтетичкото сметководство на Општина Струмица и вклучува трошоци за храна, пијалоци, превоз, хотелско сместување, изнајмување на сали, опрема, печатарски услуги, обезбедување, хонорари и надоместоци за ангажирани лица, за следните настани и активности:

– организација на културни манифестации (Струмички карневал, Струмица опен фестивал, Меѓународна Струмичка ликовна колонија, Фестивал за камерен тетар Ристо Шишков, Тримерски обичаи);

– одбележување на годишнини на значајни настани и личности;

– поддршка на настани од јавен интерес на здруженија на граѓани и културни работници;

– поддршка на настани на спортски клубови и спортски манифестации;

– одржување на семинари, работилници и активности на општинската администрација;

– подготовка на промотивни материјали за Струмица;

– печатење на книги на струмички автори;

– подароци на службени лица и меѓународни организации;

– службени трошоци на Градоначалникот и Советот на општина Струмица.

Во функција на транспарентното работење, Ве информирамe дека вкупните трошоци за репрезентација на Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски за 2 години и 2 месеци изнесуваат 49.720 денари.

Пред помалку од еден месец Општина Струмица беше прогласена за најотворената и најотчетна општина во нашата држава. Во таа насока сме отворени за презентација и информирање на јавноста за аналитичките трошоци направени за секоја културна манифестација, настан, активност и директните трошоци за репрезентација според нивниот вид, карактеристики и евиденција.

Со цел правилно информирање на јавноста, се надеваме дека ќе го објавите оваа појаснување.

Срдечен поздрав,

Општина Струмица

Кабинет на Градоначалник 

Comments (0)

Напишете коментар