Пивоваров: Полиграфот е единственото решение за борба против корупцијата

Корупцијата продолжува да биде рак-рана за македонското општество. Како можно решение почна во јавноста да се зборува за примена на полиграфот за утврдување на интегритетот за високо ризични работни места на граничните линии, каде преку полиграфот кој е електронска направа би се открило за евентуални измами и проневери на овие лица со што целта е да се спречи оштетување на Буџетот и дополнително ширење на сивата економија.

За целокупната иницијатива, СКУП разговараше со Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување кој се залага за оваа идеја.

Пишува: Кристијан Трајчов

СКУП ги анализира имотните листови на функционерите, конкретно на градоначалниците, пратениците, судиите и министрите. Вие се залагате за полиграф тестирање на граничните премини, но и врз функционерите генерално. Колку полиграфот би помогнал за да се открие дали некој од нив не пријавил дел од имотот?

Пивоваров: Овде може да се случи на некој од роднините да биде префрлен одреден имот со што вкупната вредност на имотот на функционерот би се намалила. Имавме ситуација кога претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски пријавил куќа во Грција на име на баба му која патем имала мала пензија. Исто така, таа куќа чинела многу повеќе од пријавените 150 илјади евра како вредност. На овој начин ние гледаме како се крие капиталот.

Во кои аспекти полиграфот ќе помогне како фактор за борба против корупцијата?

Постојат два сегменти поврзани со полиграфот, економски и безбедносен. Во однос на економскиот сегмент, на првата дебата која ја одржавме на која беа присутни експерти од економија, безбедноста, од правните факултети, како и одредени професори, излезе прекрасна студија која покажа дека Буџетот секоја година се оштетува од 1.2 до 1.4 милијарди евра. За нашиот Буџет тоа се огромни финансиски средства кои завршуваат во нелегални текови наместо во Буџетот. Секоја држава која ќе нема финансиски средства да ги сервисира јавните добра во државата каде спаѓаат образованието, науката, платите, пензиите и слично, ќе дојде до банкрот, а под закана е и да се распадне.

Проектот за полиграфот како мерка за борба против корупцијата започна минатата година каде истиот е презентиран во Брисел во предпристапните преговори во делот на објаснувачката мисија и е прифатен како многу сериозен проект. Беше формиран и Совет за следење на имплементација на спроведување на националната стратегија за интегрирано гранично управуање. Националната стратегија која е во согласност со европските стандарди не може да биде спроведена и никогаш нема да биде спроведена само поради корупцијата. Овој проект е од суштествено значење за државата. Ние имаме многу истраги кај нас, но најчесто не завршуваат со никаков резултат.

Каква е состојбата со мито и корупција на границите, колку институциите спроведуваат правда?

Лицата кои беа под истрага завршија во судски постапки со смешни одлуки од судовите каде вие го гледате службеникот како следниот ден пак се враќа на работното место. Многу е тешко кога ќе добиете одговор од надлежна институција за она што сте го документирале на видео надзор за настан каде очигледно е кое лице дава мито а кое зема за да ја продолжат истрагата, добивате одговор дека истиот материјал не може да се докаже, па во таквите ситуации веќе нема простор за дискусија, а ние впрочем 33 години правиме реформи за борба против корупција и секој ден од правењето на тие реформи се повеќе и повеќе тонеме.

Дали полиграфот е единственото решение за решавање на проблемот со корупција?

Апсолутно, бидејќи ако не го направиме тоа, слободно може да кажеме дека со државата еден ден ќе завладее мафијата. Финансиските средства не завршуваат само во џебовите на царинарниците и полициските службеници, туку и во други раце, во различни платни промети како дел од сивата економија која не можеме да ја евидентираме, како и во различни компании кои стануваат се помоќни финансиски и онаму каде што ја имате таа моќ, нормално дека тоа ќе биде дел од структурата која ќе владее со државата, директно или индиректно. Доколку ваквите средства се слеваат во Буџетот, ќе имаме многу подобро општество. Во најмала рака, мислам дека за првата година би имале најмалку дупло поголеми пензии и плати. Ако ние би имале 1200 или 1300 евра просечна плата, младите нема да имаат причина да се иселуваат.

Што е потребно за остварување на оваа цел, дали во прашање се законски измени?

За целата идеја за стане реалност, предвидена е дерогација на правото во Законите за гранична контрола, Законот за царина, Законот за Агенција за храна и ветеринарство и Законот за земјоделскиот инспекторат. Членот 56 од Законот за гранична контрола каде што се именува Националниот координатор под условите кои се предвидени, да биде додаден уште еден член каде истиот ќе седне прв на полиграфот за да се утврди неговиот интегритет за да може да ја врши својата работа. Истото важи и за високо ризичните работни позиции со тоа што тестирањето еднаш се прави пред почнувањето на вршење на должноста, како и најмалку еднаш годишно каде секој службеник ќе мора да го поминува овој тест. Во случај кога нема да го помине, полиграфирањето кое ќе биде снимено се доставува до Јавниот обвинител, а таквиот службеник веќе никогаш неможе да се врати на претходното работно место. Полиграфирањето ќе го изведуваат лиценцираните полиграфисти.

Оваа институција треба да биде нешто налик на Оперативно-техничката агенција и да постои сериозна надворешна контрола врз оваа агенција за да се оневозможи секакво политичко или било какво друго влијание врз овие луѓе. Ваквата институција државата би ја чинела околу милион евра, а велиме дека стотици милиони евра би се заштедиле и сметам дека вреди ваквиот проект да се спроведе гледано од економска гледна точка.

Претходниот месец во Црна Гора бил извршен конкурс за В.Д. директор на Управата за полиција каде од седум кандидати, само двајца го поминале полиграфот.

Во ситуација кога за важна позиција во одредена земја се преминуваат вакви високи стандарди како во соседството, зошто и ние тоа да не го направиме? Колку реално очекувате ваквата иницијатива да помине?

Не сум оптимист за некој позитивен исход за поминување на полиграфот. Еден систем кој нема потсистем на контрола создава хаос. Ова е само потсистем на контрола кој нема да дозволи да создадеме хаос, а веќе хаосот е создаден. Ако институциите не реагираат на се поевидентни коруптивни зделки кои се случуваат, во таква ситуација таа појава станува масовна а секогаш масовната појава во светски рамки завршувала со некоја легализација. Не е суштината криминално стекнатите пари еден ден да ги легализираме.

Многу често јавноста вели дека корупцијата е на највисоко ниво. Таквото нешто граничните службеници не го чувствуваат и велат дека народот лаже. Јас сметам дека треба на народот со конкретни резултати да му се покаже дека поминале полиграф и дека народот е тој кој има лоша перцепција за нив.

Дали има некаква волја за оваа иницијатива од некои од општествените чинители?

Од една од партиите кои се во опозиција добивме одговор дека не е време да се разговара за вакво нешто. Јас жалам што е така, меѓутоа мислам дека вчера да разговаравме за вакво нешто ќе беше доцна, а не да чекаме некој период затоа што велам дека единствено прашање во кое во државата можат да се обединат партиите е прашањето за борбата против корупција. Секоја владејачка структура која ќе ја формира Владата би сакала во Буџетот да има повеќе средства за да може да ги оствари своите цели.

Прво ние граѓаните сами треба да ги направиме нашите умствени реформи во правец на морално и етичко однесување и да имаме некаков кодекс.

Најголем дел од луѓето велат дека кога би биле таму и тие би биле вмешани во коруптивни зделки. Тоа е проблем. Ние сакаме некакви реформи да направиме, а притоа да не се реформираме што не е коректно па сметам дека се зависи од нас граѓаните за тоа како ќе се избориме против корупцијата.

 

 

 

 

 

 

Category: