Часовниците на Мицкоски и Ристовски вредат над 130 илјади евра

Тројца членови на македонската Влада пријавиле вредно злато и скапи уметнички предмети во своите анкетни листови, додека премиерот Христијан Мицкоски и Борко Ристовски поседуваат скапи часовници.

 

Изработил: Тим на СКУП Македонија

Христијан Мицкоски и неговиот министер за спорт Борко Ристовски се членовите на сегашниот состав на Владата што пријавиле скапи часовници.

Ристовски пријавил рачен часовник во вредност од неверојатни 80.650 евра, стекнат во 2022 година без да се наведе правен основ на стекнување. Интересно е тоа што на свое име освен часовник пријавил само уште автомобил „Тојота РАВ4“ во вредност од над 60 илјади евра купен во 2021 година.

Во анкетниот лист на премиерот Мицкоски е наведено дека поседува два рачни часовници во вкупна вредност од 52 илјади евра. Едниот часовник на премиерот , стекнат во 2015 година вреди 39 илјди евра, додека вториот е нешто „поскромен“ и вреди 13.400 евра, стекнат една година подоцна. Мицкоски поседува и уметнички слики во вредност од скоро 10 илјади евра, стекнати во 2016 година. Во анкетниот лист не е наведен правниот основ на стекнување на конкретниот имот.

Брачната другарка на министерот за здравство, Арбен Таравари поседува златен накит во вредност скоро 22 илјади евра, според пријавениот анкетен лист на министерот. Накитот е стекнат со договор за подарок уште во 1998 година. Како лична сопственост, министерот Таравари пријавил и уметнички слики во вредност од скоро 4 илјади евра стекнати со купување во 2018 година.

Заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи пријавил вредно злато во своја сопственост. На свое име пријавил злато купено во Р. Белгија во 2006 година во вредност од три илјади евра.

Министерот за правда, Игор Филков пак е љубител на уметноста. Филков во својот анкетен лист пријавил вредни уметнички слики од скоро 5700 евра, а како правен основ на стекнување е наведено дека се стекнати на друг начин.

Златен накит и уметнички предмети пријавиле и тројца заменици министри во македонската Влада

Заменик министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, на свое име пријавил уметнички слики во вредност од 6.800 евра, стекнати со подарок, додека на име на брачен другар пријавил накит вреден скоро 10 илјади евра стекнат на друг начин како и ументички слики од 5 илјади евра стекнати како подарок.

Златен накит на име на брачен другар пријавил и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фљакрон Беџети во вредност од 10 илјади евра, без да се наведе правен основ на стекнување на златото. Златен накит пријавил и заменик министерот за економија, Марјан Ристески, на име на брачен другар во вредност од 5 илјади евра стекнато како дар.

Category: