Анѓушев, Бектеши, Лика, Димитров, Заев и Асаф Адеми се најбогатите министри и заедно тежат околу 35 милиони евра
Десковска, Дураки, Едмонд Адеми, Манчевски, Тевдовски и Николовски се најсиромашните министри, при што заедно поседуваат само 500 илјади евра
Министерот Ахмедовски воопшто го нема пријавено неговиот имот, а некои од министрите „заборавиле“ да го наведат имотот на нивните родители
Истражувањето на СКУП во рамките на проектот „Политички експонирани личности“ покажува дека функционерите во Македонија располагаат со шаренолики имотни состојби
Автори: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ
Првите седум најбогати министри на владата на Република Македонија пријавиле дека поседуваат имот во висина од 35 милиони евра. Убедливо најбогат функционер со имот од 30 милиони евра е Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори. Покрај во Скопје, Анѓушев располага со стан во Белград и куќа во Грција. Златниот накит, неговите рачни часовници и уметнички слики и скулптури се вредни 240 илјади евра. Возниот парк на Анѓушев е исклучителен и се состои од Масерати ГТ, Порше Кајен и Мини Кантримен, како и Моторен чамец Регал. Анѓушев остварува приходи од издавање на две деловни простори и две станови, а поседува и пет денарски депозити. Остварил приходи и од продажбата на 10 отсто удел во сопственоста на „Феро Инвест“.
Триесет и три годишниот министер за Економија, Крешник Бектеши, е втор најмлад министер во владината гарнитура, но истовремено втор и по богатството кое го има пријавено дека го поседува. Предложен од Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бектеши на чело на овој ресор е назначен од минатата година. Роден во Кичево, а со диплома од универзитетот Шефилд од Велика Британија, тој до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) пријавил дека поседува имот во вредност од дури 2 милиони евра. Освен што поседува земјиште и куќа во Кичево, има и три автомобили. Неговите родители, покрај куќата во Приштина (Косово), имаат два стана во Каваја (Албанија), еден стан во Базел (Швајцарија), како и три земјишта и деловен простор во Кичево.
ШТО НЕ Е ПРИЈАВЕНО?
Аксел Ахмедовски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, воопшто го нема пријавено својот имот.
Министрите Тевдовски, Димитров, Десковска, Филипче, Манчевски, Шеќеринска и Сугаревски го немаат пријавено имотот на своите родители.
Освен ова, министерката за правда, Дескоска нема пријавено вредност на имот за 19 од вкупно 23 ставки кои се однесуваат на: авторски хонорари, договори на дело, девизна сметка, штедни книшки и платежни картички, како и потекло за дел од овој имот.
Трет на листата е Хазби Лика, заменик на претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем. Вредноста на неговиот пријавен имот изнесува 1.123.800 евра. Лика, како личен имот ја пријавил месечната плата за која не е наведена вредноста и кредитот од 54.000 евра кој треба да се плаќа до 2028 година. Останатиот имот припаѓа на неговиот брат, родители и сопругата.
Четврт на листата најбогати членови на владата е Никола Димитров од Министерство за надворешни работи. Тој пријавил дека поседува имот во вредност од 830 илјади евра. Има стан во Скопје и поседува автомобил „Мерцедес Б180“. Меѓутоа, тој со сопругата поседува и стан во Хаг (Холандија), имаат и две девизни штедни книшки, но и кредит од 280.543 евра.
Премиерот Зоран Заев е петти на листата со пријавен имот во вредност од 700 илјади евра. Но, на негово име фигурира само побарувањето од близу 70 илјади евра. Орочениот девизен депозит од 7 илјади евра е на неговата сопруга додека 27 илјади евра се пријавени дека се на сметките на неговите деца. Куќата, деловниот простор, станот во Струмица, земјоделското земјиште во Муртино и акциите вредни околу 200 илјади евра припаѓаат на неговите родители.
Шестото место по богатство му припаѓа на министерот за култура, Асаф Адеми, кој пријавил имот тежок 520 илјади евра, но нема ништо на свое име. Она што го поседуваат неговите родители се куќа со деловен простор и двор во Гостивар, автомобил „Ренаулт 9“, закуп од деловен простор од околу 300 евра месечно и кредит од близу 20 илјади евра. Неговата сопруга вози автомобил „БМВ 530Д“.
СКРОМНИ ВОЗИЛА, НО СКАПИ УМЕТНИЧКИ СЛИКИ
Истражувањето на СКУП во рамките на проектот „Политички експонирани личности“ покажува дека функционерите во Македонија располагаат со шаренолики имотни состојби. Куќи, станови, автомобили, пасишта, градежни земјишта, но и кредити и депозити се дел од работите што ги има на листите пријавени во Државната комисија за спречување на корупција.
Мерцедеси, БМВ-иња, Ауди и по некој Голф возат актуелните министри. Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска е единствена од актуелните министри која нема автомобил. За разлика од неа, семејствата на Крешник Бектеши, Сухејл Фазлиу, Арбер Адеми и Мила Царовска поседуваат по три возила. Со по две возила располагаат Оливер Спасовски, Садула Дураку, Венко Филипче, Љупчо Николовски, Асаф Адеми и Рената Десковска, а по едно возило имаат Никола Димитров, Дамјан Манчевски, Горан Сугаревски и Драган Тевдовски.
АВТОМОБИЛИТЕ НА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ НА МИНИСТРИТЕ
Братот на Љупчо Николовски -„Фиат Стило“ вредно околу 3000 евра.
Сестрата на Сухејл Фазлиу – „Ауди А2“ за кое не е наведена вредноста.
Братот на Арбер Адеми – три возила: товарно возило „Цитроен Џампер“ вредно 4062 eвра, „Фолксваген Крафтер“ вреден 6499 евра и „Фолксваген Пасат“ вредно 6499 евра. Сите три вредни околу 17.000 евра.
Братот на Мила Царовска – „Хонда Акорд“ вредно 5800 евра.
Помеѓу министрите има и љубители на уметноста. Радмила Шеќеринска има уметничка слика „Циганка“ од Никола Мартиновски. Бидејќи за истата не е наведена вредноста, тимот на СКУП побара одговор од министерката за тоа колку вреди сликата на министерката.
„Уметничката слика „Циганка“ од Никола Мартиновски е во сопственост на семејството повеќе од 40 години, а министерката ја добила како наследство од починати баба и дедо, семејството нема податок за нејзината вредност.“, стои во одговорот од кабинетот на Шеќеринска.
Министерот за внатрешни работи (МВР), Оливер Спасовски, пријавил дека поседува уметнички слики вредни околу 4.000 евра, но без да даде информации како се стекнати истите.
Сопругата на Арбер Адеми има златен накит вреден близу 5.000 евра, додека пак, Рената Десковска има благородни метали во вредност од околу 9.000 евра.
НАЈБОГАТИ СОПРУЖНИЦИТЕ НА ШЕЌЕРИНСКА И ТЕВДОВСКИ
Радмила Шеќеринска Јанковска (СОПРУГ) 256.033 евра (Девизна сметка 515 евра , Денарска штедна книжа 16275 евра, Трансакциона 1892 евра, Трансакциона 4575 евра, Кредит 7210 евра , Кредитна картичка 6332 евра, Кредитна картичка 4264 евра , Стан 214.970 евра, За два стана на сопругот нема наведено вредност)
„Вредноста на станот во Охрид, имот на брачен другар стекнат во 2006 година, изнесува 55. 620,00 евра. Вредноста на станот во Скопје, имот на брачен другар стекнат со договор за подарок од родители, изнесува 65.619,00 евра.“
Драган Тевдовски (СОПРУГА) – 20.499 евра девизен депозит
Садула Дураку (СОПРУГА) – 16.927 евра (Земјоделско земјиште вредно 14.979 евра и моторно возило 1.948 евра)
Асаф Адеми (СОПРУГА) – 14.614 евра вреден возило „БМВ“
Арбер Адеми (СОПРУГА) – 10.740 евра – (Возило „Фолксваген голф 5“ – 4871 евра, орочен денарски депозит во висина од 998 евра и благородни метали вредни 4871 евра.)
Оливер Спасовски (СОПРУГА) – 487 евра – денарска платежна картичка
Дамјан Манчевски (СОПРУГА) – 2896 евра (девизна штедна книшка со 3.293 швајцарски франци или 2896 евра)
Венко Филипче (СОПРУГА) – 3.431 евра – Возило Мазда 2
РЕНАТА ДЕСКОВСКА (СОПРУГ) – 1.625 евра вредно Ланос возило
РОДИТЕЛИ СО ИМОТ И ВО СТРАНСТВО
Тевдовски, Димитров, Десковска, Филипче, Манчевски, Шеќеринска и Сугаревски го немаат пријавено имотот на своите родители.
Од министрите кои што го имаат пријавено имотот на своите родители, највреден имот поседуваат родителите на Крешник Бектеши, над 660 илјади евра, кои воедно се и единствените родители со имот во странство, односно два стана во Каваја (Албанија) и куќа во Приштина (Косово).
Родителите на останатите министри најчесто поседуваат станови, куќи, земјоделски земјишта, пасишта како и градежни објекти низ Македонја.
ИМОТ НА РОДИТЕЛИТЕ НА МИНИСТРИТЕ
Крешник Бектеши, министер за економија | 667.813 евра |
Асаф Адеми, министер за култура | 513.770 евра
|
Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи | 152. 184 евра |
Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика | 194.911 евра
|
Арбер Адеми, министер за образование и наука | 160.537 евра |
Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа | 120.000 евра
|
Садула Дураку, министер за животна средина и просторно планирање | 30.081 евра |
Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство | 95.939 евра |
МИНИСТРИ БЕЗ РЕСОР: НАЈБОГАТ АДНАН ЌАХИЛ, НАJСИРОМАШЕН ЕДМОНД АДЕМИ
Имотот на министрите без ресор се движи од 300 до 400 илјади евра поединечно.
Околу 408 илјади евра тежи имотот на Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил. Пријавил дека со неговата сопруга имаат по еден стан во Скопје, автомобили „Мерцедес Е класа“ и „Форд Мондео“. Сопругата на Ќахил има накит вреден околу 1000 евра и две денарски платежни картички во вкупен износ од 10 илјади евра. Неговите родители имаат има куќа со двор како и деловен простор во Скопје.
Второто место најбогати министри без ресор, со имотна листа од околу 406 илјади евра и припаѓа на Зорица Апостолоска, министеркa без ресор задолжена за странски инвестиции. Министерката Апостолоска вози „Форд Фокус“ и има девизна штедна книшкa, од 2.755 евра како и денарска штедна книшка од 1.513 евра. Нејзиниот сопруг поседува три куќи, во Скопје, во Ростуше и во Ресен. Тој има и стан во Скопје, а прима и закупнина од стан во износ од 200 евра. Апостолоски вози „Поло класик Фолксваген“ и има две денарски сметки од околу 10 илјади евра. Нивните деца имаат депозит од 3.200 евра.
Бардул Даути, министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции располага со имот кој тежи 372.516 евра. Даути има кредит од 14 илјади евра и вози „Мерцедес“ А класа. Неговата сопруга има плата од 340 евра. Родителите на Даути имаат куќа, деловен простор, земјоделско земјиште и огради во Тетово како и плата во износ од околу 500 евра.
Имотната листа на министерот Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност изнесува 365.203 евра. Тој, заедно со својата сопруга имаат по еден стан во Скопје. Поповска поседува и уметнички слики вредни околу 20 илјади евра. Заедно, тие имаат куќа и двор во Скопје, а родителите на Поповски имаат стан во Скопје.
Зоран Шапуриќ, министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, има имотна листа од 369.843 евра.
Тој има три стана од кои два во лична сопственост и еден заеднички со неговата сопруга. Шапуриќ вози „Хјундаи 1.6“ а неговата сопруга „Сеат Ибица“. Министерот има и повеќе акции како и авторски хонорар во износ од 800 евра и побарување по основ на извршена работа во износ од 1400 евра. Министерот има плата од 1000 евра, додека, платата на неговата сопруга изнесува околу 550 евра. Таа има и девизна штедна книшка од 2.000 евра и долг – кредитна картичка од 1000 евра. Додека, пак Шапуриќ како личен имот има и неколку орочени девизни депозити во евра, франц и долари.
Заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, пријавил дека поседува имот од 270 илјади евра. Неговата сопруга добива месечна плата од 400 евра и поседува автомобил „Опел Корса“, додека пак неговите родители добиваат месечна пензија од околу 270 евра и поседуваат куќа со двор во Скопје, вредна околу 170 илјади евра.
Министерот без ресор со најниска вредност на имотна листа е министерот Едмонд Адеми, задолжен за дијаспора со имотна листа вредна 78 илјади евра. Тој пријавил дека има долг – лизинг од близу 10 илјади евра и моторно возило „Тојота Корола“. Сопругата на Адеми има денарска штедна книшка од околу 26 илјади евра и е основач на друштво за консалтинг „ИМПАКТА“ ДООЕЛ. Како заеднички имот имаат преддоговор за купопродажба на недвижен имот вреден 28 илјади евра.
Рамка: Што предвидува Законот за спречување на корупцијата?
Според член 33 од Законот за спречување на корупцијата донесен во 2002 година, избраните и именувани функционери треба да го пријават својот имот и имотот на своето семејство во рок од 30 дена од стапување на функцијата. Функционерите се должни да ја пријават секоја промена на имотот, а и да приложат документи за нивниот имот. Во членот 36 се наведува дека е можно да се испита имотот на функционерот доколку тој не дал податок за својот имот. Истото важи и ако дал невистинит податок, ако не пријавил промена на имот, или пак доколку неговиот имот за време на вршење на должноста е несразмерно зголемен.
Рамка: Ни опомени, ниту казни
На веб сајтот на Државната комисија за спречување на корупцијата не можат да се видат објавени казни за непријавување имот или какви било неправилности околу имотната состојба на функционерите. Единствено што може да се види е редица јавни опомени за утврден конфликт на интереси, но и тие се однесувааат повеќе на функционерите од пониските ешалони.
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата, и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот (ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД.