Зоран Иванов е доајен на македонското новинарство. Неговата исклучително богата професионална кариера ја започнува како новинар во Радио Скопје, а продолжува во новинарските води и како уредник и главен и одговорен уредник во повеќе медиумски куќи, како Македонско радио -Радио Скопје, Радио Дојче веле, Келн, Канал 103, МТВ, ТВ Сител, „Утрински весник“,ТВ Алфа и други. Професионалниот ангажман го продолжува и како програмски директор на ТВ 24 вести. Основач е на државната новинска агенција МИА, каде бил и директор и главен и одговорен уредник. Основач е и на радиото Канал 103. Бил и портпарол на Владата во периодот од 1997 до 1998. Во периодот од 2007-2010 година станува советник за комуникација со медиуми и државен советник во кабинетот на тогашниот претседател на Република Македонија.
Добитник е на повеќе новинарски награди и признанија, меѓу кои: годишни награди во Радио Скопје и на Здружените радиостаници на Македонија за новинарски остварувања; наградата „Крсте Петков Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија; потоа годишна новинарска награда на Македонската радио-телевизија; награда „Крсте Петков Мисирков“ – новинар на годината на Здружението на новинарите на Македонија; годишна јубилејна новинарска награда по повод 50-годишнината на Македонската радио-телевизија. Три пати ја добил наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за новинарство, од кои два пати редакциски. Во 2012 година ја добива наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело на Здружението на новинарите на Македонија.
Бил предавач по „Агенциско новинарство“ на постдипломските студии по новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како и тренер по новинарство во Македонскиот институт за медиуми – МИМ.
Автор е на повеќе публикации како: двотомната книга „Амбиент“, „Информациите и медиумите“- во „Култура на мирот“ на Фридрих Еберт,, потоа „Етика во новинарството, етика во медиумскиот бизнис“,„Агенциско новинарство“ – скрипта за постдипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ко-автор на учебникот „Пишување за електронските медиуми“.
Познат е како љубител на падобранството. Бил претседател, потпретседател и генерален секретар на Воздухопловната федерација на Македонија, како и селектор и тренер на репрезентацијата на Македонија во падобранство и меѓународен судија по падобранство со лиценца на ФАИ.
Иницијатор е за изградба на спортскиот аеродром Стенковец, како и претседател на Аероклубот „Јуриј Гагарин“ – Скопје во два мандата. Организатор е, исто така, и на повеќе аеромитинзи и спортски домашни и меѓународни воздухопловни натпревари.
Пилот е на спортски авиони и воздухопловни едрилици, а има реализирано 2003 скокови со падобран. Бил државен репрезентативец во падобранство во периодот 1971 – 1976. Има освоено 60-тина медали во Македонија и во рамките на СФРЈ во областа на падобранството, како и 14 од престижни меѓународни падобрански натпревари. Во четири наврати е прогласен за спортист на годината од Воздухопловната федерација на Македонија. Исто толку пати бил и Државен првак во падобранство. Добитник е на „Златна значка со три дијаманти“ – највисоко меѓународно признание на Светската воздухопловна федерација – ФАИ, како и Меѓународна највисока награда на Светската воздухопловна федерација – ФАИ за 2006 година – „Пол Тисандиер“ за сеопшт придонес во развојот на цивилното и спортското воздухопловство и за посебни за резултати во спортското падобранство.