Зоран Иванов

Зоран Иванов е доајен на македонското новинарство. Неговата исклучително богата професионална кариера ја започнува како новинар во Радио Скопје,  а продолжува во новинарските води и како уредник и главен и одговорен уредник во повеќе медиумски куќи, како Македонско радио -Радио Скопје, Радио Дојче веле, Келн, Канал 103, МТВ, ТВ Сител, „Утрински весник“,ТВ Алфа и други. Професионалниот ангажман го продолжува и како програмски директор на ТВ 24 вести. Основач е на државната новинска агенција МИА, каде бил и директор и главен и одговорен уредник. Основач е  и на радиото Канал 103. Бил и портпарол на Владата во периодот од 1997 до 1998. Во периодот од 2007-2010 година станува советник за комуникација со медиуми и државен советник во кабинетот на тогашниот претседател на Република Македонија.

Добитник е на повеќе новинарски награди и признанија, меѓу кои: годишни награди во Радио Скопје и на Здруже­ните радиостаници на Македонија за новинарски остварувања; наградата „Крсте Петков Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија; потоа годишна новинарска награда на Македонската радио-телевизија; награда „Крсте Петков Мисирков“ – новинар на година­та на Здружението на новинарите на Македонија; годишна јубилејна новинарска награда по повод 50-го­дишнината на Македонската радио-телевизија. Три пати ја добил наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за новинарство, од кои два пати редакциски. Во 2012 година ја добива наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело на Здружението на новинарите на Македонија.

Бил предавач по „Агенциско новинарство“ на пост­дипломските студии по новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Мето­диј“ – Скопје, како и тренер по новинарство во Македонскиот институт за медиуми – МИМ.

Автор е на повеќе публикации како: двотомната книга „Амбиент“, „Информациите и медиумите“- во „Култура на ми­рот“ на Фридрих Еберт,, потоа „Етика во новинарството, етика во медиумскиот биз­нис“,„Агенциско новинарство“ – скрипта за постдипломс­ки студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ко-автор на учебникот „Пишување за електронските медиуми“.

Познат е како љубител на падобранството. Бил претседател, потпретседател и генерален секретар на Воздухопловната федерација на Македонија, како и селектор и тренер на репрезентацијата на Македонија во па­добранство и меѓународен судија по падобранство со лиценца на ФАИ.

Иницијатор е за изградба на спортскиот аерод­ром Стенковец, како и претседател на Аероклубот „Јуриј Гагарин“ – Скопје во два мандата. Организатор е, исто така, и на повеќе аеромитинзи и спортски домашни и меѓународни воздухопловни натпревари.

Пилот е на спортски авиони и воздухопловни едрилици, а има реализирано 2003 скокови со падобран. Бил државен репрезентативец во падобранство  во периодот 1971 – 1976. Има освоено 60-тина медали во Македонија и во рамките на СФРЈ во областа на падобранството, како и 14 од престижни меѓу­народни падобрански натпревари. Во четири наврати е прогласен за спортист на годината од Воздухопловната федерација на Македонија. Исто толку пати бил и Државен првак во падобранство. Добитник е на  „Златна значка со три дијаманти“ – највисоко меѓународно признание на Светската воздухопловна федерација – ФАИ, како и Меѓународна највисока награда на Светската воздухопловна федерација – ФАИ за 2006 година – „Пол Тисандиер“ за сеопшт придо­нес во развојот на цивилното и спортското воздухопловство и за посеб­ни за резултати во спортското падобранство.

Comments (0)

Напишете коментар