НОСИТЕЛИ НА ПРВАТА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА: КОЛКУ СЕ БОГАТИ?

-

Во рамките на проектот ПЕП (Политички изложени личности), СКУП ќе ги прикажува биографиите на носителите на кандидатските листи во сите изборни единици, со посебен фокус на нивната имотна состојба.

 

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Се беше подготвено за почеток на големата изборна трка за власта во Северна Македонија, која требаше да заврши на 12-ти април, кога граѓаните ќе одлучуваа кој да ја води државата во наредните години. Но, тоа што изгледаше дека е далечен проблем кој ја засега само Кина и нејзините соседи, за кратко време стана глобален проблем. Пандемијата предивикана од Корона вирусот, која кон крајот на февруари стигна и во С.Македонија, ги принуди политичарите да седнат на заедничка маса и да ги одложат предвремените парламентарни избори. Иако официјално се уште не беше започната кампањата, тие веќе започнаа со подготовки. На овој начин целиот изборен процес беше замрзнат, а кампањата која веќе беше почната, се прекина со одлука на Владата, која во време на прогласената вонредна состојба има ингеренции да носи мерки со сила на закон.

По намалувањето на бројот на активни случаи заразени со Корона вирусот, на 12 мај лидерите на политичките партии повторно ја вратија темата на изборите, но не успеаја да се договорат за нов датум. СДСМ инсистира на брзи избори, по можност кон средината на јуни, додека ВМРО-ДПМНЕ бара да нема избори се додека вирусот е присутен. Сепак, очекувањата се дека на наредната лидерска средба датумот за нови избори ќе се бара помеѓу 28 јуни или 5 јули.

Кои се носителите на првата изборната единица, кои ќе бидат „локомотивите“ што ќе ги влечат гласовите за главните политички партии или коалиции?

 

Изборната единица 1 е една од шесте изборни единици во Македонија. Оваа изборна единица опфаќа 9 општини од Град Скопје и северна и западна Македонија помеѓу кои: Аеродром, Кисела Вода, Центар, Карпош, Чаир (дел), Сарај, Студеничани, Сопиште и  Македонски Брод.

ИМОТОТ НА ДИМИТРОВ И ЦАРОВСКА

Владејачката СДСМ, на Конгресот на партијата ги објави носителите на листи и кандидатите за пратеници. Како и што е предвидено, во секоја изборна единица, СДСМ ќе оди со двајца носители на листи, овој пат со маж и жена, по принцип родова еднаквост. Првата изборна единица е предвидено да ја водат министерот за надворешни работи, Никола Димитров и вице-премиерката Мила Царовска.

Димитров, македонскиот дипломат и министер за надворешни работи кој го водеше процесот за промена на името, ја доби улогата носител на изборна листа во Прва изборна единица. Јавноста го памети уште од почетоците на неговата кариера во 1996-та година како советник во Министерството за надворешни работи. Во 2000 година станува советник за национална безбедност на претседателот Борис Трајковски, а две години подоцна, беше именуван за македонски амбасадор во САД. Во 2009 година Димитров станува македонски амбасадор во Холандија.

Важни моменти од неговата политичката кариера се и претставништвото во преговорите околу спорот за името помеѓу Македонија и Грција, и застапништвото на Македонија при тужбата пред Меѓународниот суд за правда во Хаг против Грција за прекршување на привремената спогодба. Клучниот миг во неговата кариера е Преспанскиот договор потпишан од него, како шеф на дипломатијата на Македонија, и шефот на Грција, Никос Коѕијас на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, на брегот на Преспанското Езеро. Истиот договор беше потпишан и од посредникот на ООН за спорот за името Македонија, Метју Нимиц. Договорот ја заменува Привремената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година и претставува решение на спорот за името Македонија.

Земајќи го предвид неговиот активен политички ангажман околу договорот со Грција, министерот имаше голем број посети во странство. Најновото истражување на СКУП Македонија, покажа дека Димитров е помеѓу функционерите кои потрошиле најмногу буџетски пари во првите месеци од 2019, според податоците од алатката за отчетност на трошоците на носителите на јавните функции.

Никола Димитров има потрошено вкупно 1.282.027 денари. Најмногу потрошил во април – 363.530 денари, а најмалку во јануари – 111.384 денари. Земајќи ги предвид сумите, СКУП ги разгледа и неговите патувања. Во месец април бил на работен престој во Вашингтон на средби со претставници од американски државни институции, како и работен престој во Берлин, каде што биле одржани повеќе брифинзи и работни состаноци, со фокус на тема -придобивки од Преспанскиот договор. Активностите на министерот продолжиле во Варшава, каде што присуствувал на седница на Сенатот на Република Полска, како и работен престој во Хаг каде што биле остварени повеќе средби во насока на реформи.

Во моментов, според податоците објавени на веб-страната на Државната комисија за спречување на корупција, неговиот имот е проценет на 270 илјади евра. Тој се состои од истите ставки и е додадена само денарска сметка од околу 7 илјади евра како личен имот. Неговиот сегашен вкупен имот е помал од тој кога влегол во политиката. Во изјава за ПЕП, Димитров вели дека е во фаза на развод, при што негов личен недвижен имот е само станот во Скопје. Вториот стан е на ќерка му, која живее одвоено, но вели дека го пријавил заради поголема транспаретност. Мила Царовска, поранешната министерка за труд и социјална политика во македонската Влада од 2017 година, е актуелна вице-премиерка во Владата. Во првата изборна единица, предвидено е да го пополни местото за женскиот претставник.

Нејзината политичка и работна позадина е, исто така, богата како на Димитров. На чело на функцијата министерка доаѓа откако претходно, во периодот ноември 2015 – мај 2016-та беше советничка во кабинетот на министерката Фросина Ременски. Царовска почетоците ги бележи во овој сектор уште по завршувањето на студиите. Десет години била програмски координатор на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување (ХЕРА). Во актуелната техничка влада, ја има функцијата вице-премиерка.

Како и за Димитров, така и Царовска, СКУП го анализираше и ги следеше промените на нејзиниот имот. Според нашите истражувања, Царовска не зазема високо место на листата најбогати членови на владата. Меѓутоа, по некое време, според истражувањето на СКУП, таа во својата имотна листа ги дополни и имотот кој што ги поседуваат нејзините родители, со што износот на целокупниот имот значително се зголеми.

Во моментов, според податоците објавени на веб-страната на Државната комисија за спречување на корупција, имотот на Мила Царовска изнесува 1,641,618 евра. Со кој што е забележано зголемување од 50.020 евра кое се однесува кредити и кредитни картички.

Во најновото истражување на СКУП Македонија, според податоците од алатката за отчетност на трошоците на носителите на јавните функции, вице-премиерката Мила Царовска за авионски карти во првите пет месеци од 2019 година потрошила вкупно 2.378 евра.

СИЛЈАНОВСКА -ДАВКОВА ОД ВМРО-ДПМНЕ НЕМА НИТУ АВТОМОБИЛ

Носител на листа од опозицијата во првата изборна единица е Гордана Силјановска  Давкова, универзитетски професор и правник. Во 2019-та година Силјановска Давкова беше избрана за претседателски кандидат на претседателите избори. Меѓутоа, на изборите изгуби од својот противник, Стево Пендаровски. За нејзината кариера, важно е да се напомене дека била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994).

Но, во тоа времеа функционерите немале обврска да ги пријават своите имоти додека од формирањето на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во 2005 година, Силјановска немала јавна функција и заради тоа не била обврзана да го пријавува имотот. Заради ова, многу малку информации имаме за нејзиниот имот и за банкарските сметки. Сепак, за време на претседателската кампања медиумите известуваа дека Силјановска Давкова нема недвижен имот на нејзино име. Силјаноска живее во центарот на Скопје, на улица „Орце Николов“ во семејна куќа, сопственост на нејзиниот сопруг. Куќата е од 114 метри квадратни и прилично стара. Силјановска нема автомобил. Медиумите известуваа дека таа нема ниту возачка дозвола, ниту пак сакала да вози автомобил. Нејзиниот сопруг е пензиониран правник, има Хонда Шатл од 1996 година.

Но, од нејзиното семејството велат дека немаат големи заштети во банка. Но, од друга страна немаат ниту кредити или други поголеми долгови.

МЕЏИТИ ОД ДУИ СО ПРИЈАВЕН ИМОТ ОД 60 ИЛЈАДИ ЕВРА

Еден од четворицата потпретседатели на ДУИ ќе биде носител на листа во Изборната единица 1. Станува збор за Изет Меџити, поранешниот градоначалник на Општина Чаир во периодот од 2005 до 2017 година.

Меџити започнува како професор по економија во средното училиште „Арсени Јовков“. Откако го напуштил професорското место, работел како економски советник во Македонски Пошти до 2005 година.

Првиот мандат го добил на изборите за локална самоуправа во 2005. Меџити за време на неговиот втор мандат донесува контроверзна одлука за преименување на четири основни училишта од општината, која се установи дека е противзаконска со што потоа на свидетелствата издадени од овие училишта беа наведени старите називи на училиштата.

Имотниот лист на Изет Меџити, кој што е објавен на Државната комисија за спречување на корупција, од времето на управувањето со локалната самоуправа, изнесува околу 60 илјади евра и се состои од имот на родители, куќа во Скопје и личен имот автомобил Пежо 207.

Коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива за носител во Изборна единица го има Скендер Реџепи, генералниот секретар на Алтернативата.

 

Во вториот дел ќе читате: Колку се богати носителите од втората изборна единица?

Categories:
Comments (0)

Напишете коментар