ЗАЕВ ПРЕДИЗВИКАН ОД НИКОЛОВСКИ ВО ЧЕТВОРКАТА

Заев поседува имот вреден 728.193 евра, додека имотот на Николовски е тргнат од ДКСК заради фактот што немал државна функција од 2016 година

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Поранешниот премиер и актуелен лидер на СДСМ, Зоран Заев, во четвртата изборна единица ќе биде предизвикан од Александар Николовски, десната рака на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. На претходните парламентарни избори, одржани во 2016 година, главен противник на Заев му беше екс-лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој успеа да издвојува победа за околу 3 проценти.

Четвртата изборна единица опфаќа 19 општини од јужна и југоисточна Македонија, меѓу кои е и Струмица, родното место на носителот на листата од СДСМ во оваа изборна единица, Зоран Заев. Поранешниот премиер, според предвидените двајца носители на листи во изборните единици од СДСМ и Коалицијата, го придружува пратеничката Соња Мираковска од Нова-социјалдемократска партија (НСДП).

Останатите општини во Изборна единица 4 се: Прилеп, Радовиш, Конче, Валандово, Гевгелија, Дојран, Богданци, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Битола (дел), Кривогаштани (дел), Могила, Новаци, Росоман, Босилово, Василево и Ново Село.

КАКОВ ИМОТ ПРИЈАВИЛ ЗАЕВ?

Зоран Заев е член на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија уште од 1996 година. Од 2003 до 2005 година е пратеник во Собранието на Република Македонија. Во 2005 година станува градоначалник на Струмица. Во 2006 година е избран за потпретседател на Централниот комитет на СДСМ, а во 2008 година станува в.д. претседател на партијата. Од 2013 година Заев е лидер на СДСМ.
Јавноста го памети по проектот „Вистината за Македонија“ кој тој го отпочна во 2015 година, објавувајќи го прислушуваниот материјал со кој беа откриени криминалните активности на тогашната влада предводена од Груевски.

По Пржинскиот договор потпишан помеѓу лидерите на четирите најголеми политички партии за разрешување на политичката криза во државава и парламентарните избори во 2016 година, проследен со период на политички превирања помеѓу кои и насилниот инцидент во Парламентот на 27 април, на 31 мај 2017 година, Зоран Заев беше избран за премиер на Република Македонија.

СКУП претходно истражуваше и пишуваше за Заев, во рамките на проектот Политички експонирани личности. Петти на листата најбогати членови на владата е токму тој. Според анализата на податоците од имотниот лист на Заев од 2018-та година, неговиот пријавен имот има вредност од 729.231 илјади евра. На негово име фигурира само побарувањето по основ на даден заем од близу 70 илјади евра. Орочениот девизен депозит од 7 илјади евра е на неговата сопруга, додека 27 илјади евра се пријавени дека се на сметките на неговите деца. Куќата, деловниот простор, станот во Струмица,  земјоделското земјиште во Муртино и акциите вредни околу 200 илјади евра припаѓаат на неговите родители.

Денес, Заев поседува имот вреден 728.193 евра. Истиот тој го дополнил со стан со помошни простории во Струмица на име на неговата сопруга, заем од 7 илјади евра, исто така, на нејзино име и моторно возило Мини Купе С на име на неговите деца. Во актуелната имотна листа на Заев е намален орочениот депозит на име на неговата сопруга од 7 илјади на 200 евра.

Во истражувањето ВЛАДИНИ ФУНЦИОНЕРИ ПОСЕДУВААТ АКЦИИ ВО ГОЛЕМИ КОМПАНИИ СКУП откри дека премиерот има пријавено акции на неговите родители во вредност од 12.000.000 денари. СКУП испрати прашања и до неговиот кабинет за да појаснат за каде се однесуваат акциите, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Што се однесува до истражувањето за државните функционери кои се најдоа на судско столче, ДРЖАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ: И НА ПРАТЕНИЧКО И НА СУДСКО СТОЛЧЕ, премиерот беше под лупа на ДКСК за случаите „Глобал“, „Едно евро корупција“, „Бугарските фирми на Заев“ и за продажбата на земјиштето на касарната во Струмица.

Според најновото истражување на СКУП ФУНКЦИОНЕРИТЕ НЕ ШТЕДЕЛЕ НА АВИОНСКИ КАРТИ, ХОТЕЛСКО СМЕСТУВАЊЕ И РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА од единаесетте функционери во Влада кои правеле трошоци на сметка на државниот буџет, најмногу потрошил Зоран Заев  – 1.008.017 денари, од кои најмногу за угостителски услуги преку мензи, ресторани и бифеа во рамки на институциите. За подароци дадени за време на официјални посети, гостувања или во други околности тој потрошил 2.356 евра.

Соња Мираковска е придружничката на премиерот Зоран Заев во четвртата изборна единица. Таа е член на Нова демократска партија и пратеник во Собранието.

Од почетокот на проектот Политички експонирани личности до денес, според податоците од Државната комисија за спречување на корупција, Мираковска го поседува истиот имот заведен на нејзино име кој се состои од стан во Скопје вреден 37.100 евра и автомобил Авео Шевролет вреден 12.000 евра. Исто така, има и девизна штедна книшка со 5.000 евра. Вкупната вредност на нејзиниот имот е 54.100 евра.

ДКСК НЕМА ПОДАТОЦИ ЗА НИКОЛОВСКИ

Александар Николоски е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во повеќе мандати. Николоски е претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во период од 2004 до 2008 година. Во период од 2004 до 2013 е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. На оваа функција повторно е избран  во 2017 година. Николоски во 2009 година станува член на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, а во 2014 година е избран за прв потпретседател на Мониторинг комитетот при Советот на Европа. Тој е именуван за  меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година.

Во ДКСК велат дека нема податоци за него од причина што од 2016 година не извршува државна или јавна функција.

ДУИ нема носител во Изборна единица 4, додека од Коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива носител на листа е Фатмир Меџити.

Продолжува…