ДЕВЕТ ФУНКЦИОНЕРИ СЕ ПОБОГАТИ, САМО ДВАЈЦА СЕ „ОСИРОМАШEНИ“

 

  • Пратеничката Мери Лазарова со дупло зголемен имот, Сашко Атанасов со нов камион, Жаклина Пешевска со нов автомобил
  • Даниела Рангелова подновена со долг од 228 евра месечно, Мила Царовска со две нови земјоделски земјишта, а Емил Димитриев со нов стан
  • Асаф Адеми со удел од 2.250 евра и денарски депозит во износ од 4.552 евра, а Мухамед Зеќири со неажурирани промени

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Министерот за култура од редовите на политичката партија БЕСА, Асаф Адеми, со стапувањето во неговата функција лани немаше пријавено ништо на свое име. До Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) тој доставил имотен лист каде целиот пријавен имот гласеше на неговото семејство. Но, во новата година во имотот на Адеми се забележани удели на неговата сопруга во износ од 2.250 евра, личен имот и денарски депозит во износ од 4.552 евра. Ако претходната проценета вредност на имотот на Адеми изнесуваше 528 илјади евра, сега таа е 535 илјади евра. За околу шест месеци колку е на оваа функција, Адеми успал да спечали околу 7 илјади евра.ж

ЗА ДВЕ ГОДИНИ ДВОЈНО ПОГОЛЕМ ИМОТ

Освен кај Адеми, истражувањето на СКУП во рамките на проектот ПЕП покажа дека, од првичното пријавување на имотната состојба до почетокот на оваа година, има промена во имотната состојба и кај 8 други функционери: Мери Лазарова, Сашко Атанасов, Жаклина Пешевска, Даниела Рангелова, Мила Цароска, Емил Димитриев и Мухамед Зеќири.

Пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири, на почетокот на оваа година е забележано дека од имотната состојба му е отстрането возилото БМВ 730 Д 2010/2017. Во изјава за СКУП тој потврди дека тоа е неговата имотна состојба, додавајќи дека корекцијата се случила по пишувањата во рамките на овој проект.
Да, тоа е мојата имотна состојба со забелешка дека при последното ажурирање сега гледам, благодарение на Вас, дека ДКСК го додала автомобилот БМВ 730 2010 година. Но, не ги избришала двата други автомобила – БМВ Х5 2009 и БМВ 730 од 2004 година, кои во тоа време ги продадов. Има промени и од месецов и во законски предвидениот рок ќе ја известам ДКСК дека неделава го продадов и автомобилот БМВ 730 од 2010 година. Вредноста на куќата не можам да ја проценам јас и затоа не е напишана. Тој дел од куќата ми е наследство од покојниот татко и од истата поседувам една деветина“, вели пратеникот Зеќири.

Пратеничката Мери Лазарова, во новата година влезе со дупло зголемен имот. Имено, на претходно пријавениот имот вреден 19.187 евра таа додава автомобил Тојота Јарис вреден 10.071 евра и кредит од 6.991 евра. Со што вредноста на имотот по промените е зголемена скоро дупло, сега таа изнесува 36.249 евра. Нејзината месечна плата, според проектот ПЕП, изнесува околу 64 илјади денари.

Сашко Атанасов се подновил со Камион Мерцедес Атего, вреден 9.750 евра со што вредноста на променетиот имот изнесува 161.273 евра. Пратеничката Жаклина Пешевска во новата година влегува со нов автомобил Форд Куга 2.0 ТДЦИ вреден 3.866 евра, кредит од 7.316 евра и префрлени средства од роднина од странство во износ од 19.996 евра. Со што претходниот имот од 18.763 евра го зголемува на 49.941 евра. Додека, пак, нејзината колешка од партијата, Даниела Рангелова на имотот вреден 15.425 евра додава долг од 228 евра месечно.

Првичниот имот кој министерката Мила Царовска го изнесе во јавноста изнесуваше 212.984 евра. Од кабинетот на Мила Царовска во изјава за СКУП изјавија дека има промена во имотната состојба којашто е пријавена во ДКСК. „Промената се однесува на стекнување со градежно земјиште во Кочани. Станува збор за две парцели градежно земјиште. Едната од парцелите со површина од 894 квадратни метри е на има е на министерката, додека другата со површина од 1.099 квадратни метри на име на нејзиниот брат“.
Двете земјоделски земјишта, од кои едното е на нејзино име, а другото припаѓа на нејзиниот брат се вредни 2.300 евра со што вредноста на имотот од 212.984 евра се променува на 215.284 евра.

Од првичната имотна листа на поранешниот ВД премиер и сегашен пратеник, Емил Димитриев, се отстранети преддоговорот за купопродажба на стан во Кисела Вода вреден 123.097 евра и анекс Договор бр.01 кон основниот преддоговор вреден 7.528 евра, а додаден е стан со гаража и помошни простории вреден 130.625 евра. На претходната имотна листа имаше 7 штедни книшки вредни 68.421 евра, сега има две во износ од 14.198 евра. Вредноста на поранешниот имот на Емил Димитриев изнесуваше 383.501 евра, со промените таа изнесува 329.278 евра.

ДВАЈЦА НОВИ БЕЗРЕСОРНИ МИНИСТРИ И ЕДЕН ПРАТЕНИК

Пет дена пред почетокот на новата 2019-та година, по предлог на Владата, Собранието ги именуваше двајцата нови безресорни министри Музафер Бајрам и Елвин Хасан. Тие стапија на функција по разрешувањето на Аксел Ахмедовски и Аднан Ќахил.

Музафер Бајрам, триесет и шест годишниот магистранд по граѓанско право, е новиот министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во РМ. Тој доаѓа од редовите на Партија за целосна еманципација на Ромите, каде што е член од неговите 18 години. Во 2016-та година е избран за потпретседател на партијата. На функцијата министер без ресор, доаѓа со имот вреден  265.411 евра. Во неговиот имотен лист евидентирани се четири возила, куќа и стан во Скопје.

Елвин Хасан е министерот без ресор задолжен за странски инвестиции доаѓа од функцијата заменик директор на Државниот испитен центар. Вредноста на имотот на Хасан изнесува 153.400 евра. Во неговиот имотниот лист евидентирани се 21 ставка, меѓу кои две куќи со двор, две моторни возила, два депозита, една кредитна и две денарски платежни картички, кредит, едно градежно и седум земјоделски земјишта, како и еден непрецизиран имот.
Рубин Земон е пратеникот од редовите на ПОЕН (Партија за Општествен и Економски Напредок) кој доаѓа на местото на Томислав Тунтев. Тој е доктор по етнологија при етнографски институт со музеј при БАН, Софија, Република Бугарија. Неговата имотна состојба сe` уште не е ажурирана на веб-страната на Државната комисија за спречување на корупција.

Comments (0)

Напишете коментар